Министрите за енергетика на земјите од Европската унија постигнаа договор за горната граница на цените на гасот, објави денеска на Твитер портпаролот на Чешката Република, која претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ.
Договорот уследи по неколкунеделни преговори за вонредната мерка, која ги подели мислењата во целиот блокот, кој се обидува да ја скроти енергетската криза.
Според официјалните лица и документот во кој „Ројтерс“ имал увид, министрите за енергија на ЕУ се согласиле дека ограничувањето на цената на гасот ќе се активира кога референтната цена ќе надмине 180 евра по мегават-час (MWh).
Ограничувањето на цената на гасот на ЕУ ќе стапи на сила доколку цените на фјучерсите во холандскиот гасен центар ТТФ надминат 180 евра/MWh во текот на три последователни дена, се вели во документот со деталите за договорот.
Ограничувањето може да се активира од 15 февруари па натаму.
Тројца европски претставници рекоа дека Германија – која беше скептична за ограничувањата на цените – денеска гласаше за поддршка на договорот со ЕУ, и покрај тоа што изрази загриженост дека мерката ќе влијае на способноста на Европа да привлече испорака на гас на ценовно конкурентниот глобален пазар.
Германија и другите земји кои се скептични за ограничувањето на цената побараа дополнителни заштитни мерки за да се обезбеди суспензија на ограничувањето доколку има негативни последици, пренесува британската агенција.