ЕУ пред политичко фијаско на Балканот

од Vladimir Zorba
105 прегледи

Наместо европеизација на Западен Балкан, ЕУ се повеќе ризукува да се соочи со надворешнопилитички неуспех во земјите од регионот. Во последниве години зачестија оценки дека по повеќе од деценија релативен мир на Западен Балкан интересирањето на ЕУ за развојот во овој регион, кој покажува низа загрижувачки негативни тенденции, е мошне намалено.Тоа што сега би можело да се забележи е дека Западен Балкан можеби е на пат со големи чекори да се врати на агенадата во Брисел, а како една од главните причини за тоа секако е драматичното влошување на демократијата и правната држава. Актуелните состојби во Македонија јасно зборуваат во прилог на таквата констатација.

Можеше ли ЕУ повеќе да се подготви и да го предвиди, и со самото тоа да делува со превентивна стратегија во однос на авторитарното владеење во Македонија, и во другите земји од регионот, кое се повеќе се засилуваше во последните години? И покрај енормните ресурси и напорите што ЕУ ги вложуваше во регионот со цел да се реформира Западен Балкан во стабилен регион кој постепено би се инкорпорил во Унијата, станува очигледно дека капацитетот на ЕУ како надворешно-политички актер е доведен под знак прашање. Како што се забележува во една шведска студија од група автори на факултетот за политички науки во Упсала и на Центарот за истражувања на Русија, ЕУ очигледно имаше големи проблеми да даде сериозен придонес за вкоренување на демократијата и правната држава во регионот на Западен Балкан, при што едновремено интензивирањето на активностите на Русија во секој случај би можеле да принудат некои од земјите од овој регион да се определат кон она што за Москва претставува игра на нулта-сума. Сумата на добивката и загубата е секогаш нула за секоја можна стратегија која би можеле да ја користат играчите.

Напоредно се забележува дека ЕУ активно избегнува да дејствува решително во ситуации кога договорените правила и стандарди не се исполнуваат и почитуваат. Волјата да се биде позитивна сила која ги шири темелните ЕУ-вредности во однос на демократијата, правната држава и човековите права, всушност го предизвика неочекуваниот ефект активно да се избегнува користење на посилни средства на принуда какви што се – санкциите.

Ефектот од сето тоа е дека ЕУ успеала да инспирира на формални промени на основните демократски структури, но дека едновремено се соочува со далеку поголеми тешкотии кога станува збор за зацврснување на базичните општествени норми и принципи. Со други зборови, ЕУ беше успешна во процесот на промена на законите и регулативата, но не и во однос на неопходните промени на ставовите и однесувањето на луѓето. Последица на тоа, се разбира, е дека на имплементираните закони и структури им недостига длабочина така што лесно може да се менуваат и вратат во поранешната состојба, доколку владеечките елити го посакаат тоа. Во крајна линија се добива резултат кој покажува дека демократијата и правната држава се градат само на површина, без подлабок фундамнет, а со тоа ризикуваат да останат кревки и нестабилни.

ЕУ овде се соочува и со дилема. Доколу се понуди потесна соработка, па дури и преговори за членство во ваква чувствителна ситуација, а со цел да се покаже позитивен развој и солидарност, се ризикува испраќање на сигнали дека всушност тоа што е решавачко за доближувањето кон ЕУ е геополитиката, а не квалитетот на државата и општеството. Како, на пример, кога станува збор за заштитата на надворешните граници на ЕУ од бегалските бранови. Доволна поткрепа за таквите гледишта секако можат да бидат и изјавите од типот тополо-ладно што еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги даваше во текот на пржинскиот процес.

Алтернатива која е можна е да се примени еден поцврст пристап, односно да се каже отворено дека земјите од Западен Балкан се добредојдени во ЕУ, но дека мора да се справат со своите реформи за да се приспособат за полноправно членство. Но во една веќе напната ситуација, (која во Македонија во актуелниов миг се движи кон кулминација), ЕУ ризикува земјите кои треба да спроведат реформи всушност да се дистанцираат наместо тоа, барајќи можности да се доближат до други регионални големи сили. Во таков контекст секако е неизбежно споменување на новоразбуденото руско интересирање за Западен Балкан.

За волја на вистината, ЕУ не се соочува со проблеми само со земјите од своето непосредно соседство, туку и со некои свои земји-членки. Се позагрижувачка станува комуникацијата на Брисел со Полска и Унгарија кои се изложени на остри критики поради ограничувањата на медиумските слободи и слободата на изразување. Станува збор за слободи за кои се очекува дека секоја земја-членка ќе ги респектира. Во рамки на ЕУ не постојат некакви средства на принуда кои би можеле да се употребата за да се изнуди почитување на медиусмките слободи. Но, сепак, како што се заговара од некои центри на ЕУ, постојат средства кои би можел да ги актуелзиара Европарламентот. Всушност, Европската комисија би можела да се повика на членот 7 од Лисабонскиот договор, кој исто така се нарекува и “атомска бомба“ бидејќи се смета за толку драстичен така што би можел да биде употребен само кога никакви други мерки не помагаат. Според споменатиот член, една земја-членка би можела да го загуби своето право на глас во Министерскиот совет, каде што земјите-членки имаат право на вето. „Атомската бомба“ може да се користи само доколку се смета дека некоја земја во повеќе наврати ги прекршува основните вредности и стандарди на ЕУ кои се однесуваат на демократијата и човековите права. Меѓутоа, “атомската бомба“ не е употребена против Полска и Унгарија а што поттикнува други земји-членки да се запрашаат зошто тие треба да ја почитуваат регулативата.

Што се однесува до Западен Балкан, и покрај сите ресурси во форма на пари, искуство и знаење кои се инвестирани од страна на ЕУ во регионот, се поочигледен е ризикот дека Унијата се движи кон голем надворешно-политички неуспех. Токму затоа се смета дека е крајно време ЕУ да демонструра поголема смелост, лидерство и нов начин на размислување во еден регион кој бара да биде примен во членството. Делумно и со цел да ги засили своите позиции кон една се поагресивна Русија која повеќе или помалку дискретно го покажува своето интересирање за земјите од Западен Балкан.

ЕУ не располага со “атомска бомба“ со која би можела да им се закани на земјите од Западен Балкан и да ги поттикне конечно да манифестираат поголема волја и подготвеност да ги реформираат своите општества. Но доколку продолжи како и досега, Брисел ќе ризикува да се соочи со повторување на истиот урнек: само формални, површни промени, додека однесувањето и ставовите остануваат непроменети и тврдокорни. Неопходен е активен ангажман доколку ЕУ сака да види длабоки промени. Или како што се констатира во споменатата шведска студија, никој не располага со средства да гради Потемкинови кулиси без содржина – ниту жителите во земјите на Западен Балкан, ниту пак самата ЕУ и незјините земји-членки.

Ивица Челиковиќ