Европската унија одобри воведување контрамерки во форма на царини за околу 22 милијарди евра американски производи како што се соја, мотоцикли и сок од портокал. За ова гласаа 27 земји-членки, сите освен Унгарија, соопшти Европската комисија.
„ЕУ ги смета американските тарифи за неоправдани и штетни, предизвикувајќи економска штета на двете страни, како и на глобалната економија. ЕУ јасно стави до знаење дека претпочита преговори со САД кои би резултирале со избалансирани и заемно корисни решенија“, се вели во соопштението на Европската комисија.
Како одговор на тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за европскиот челик и алуминиум, ЕУ ќе ги воведе своите контрамерки во три фази. Првиот бран стапува на сила следната недела, вториот во средината на мај, а третиот на крајот на годината, во декември.
Според информациите на четворицата дипломати вклучени во гласањето, единствена членка која се спротивстави на пакетот е Унгарија, додека останатите 26 земји гласаа за.
„Понатамошната ескалација не е решението. Ваквите мерки дополнително ќе и наштетат на европската економија и граѓаните преку зголемување на цените. Единствениот излез се преговорите, а не контрамерките“, објави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто на мрежата Х.
За предлогот да биде отфрлен, најмалку 14 членови требаше да гласаат против, што се сметаше за неверојатно со оглед на демонстрациите на единство во последните недели.