Шведска никогаш не се затвори целосно како резултат на коронавирусот, но во таа земја е задолжително да се придржувате кон мерките за социјално дистанцирање при излегување надвор или одење во бар, ресторан или шопинг.
Јохана, која работи во клуб во Стокхолм, вели дека луѓето не можат да нарачуваат на шанкот и дека мораат да седат додека се во угостителскиот објект.

Според Би-Би-Си, иако на граѓаните им е дозволено да се видат и дружат со пријателите, тие мора да се држат настрана од другите групи, а танцувањето е забрането.
– За да можат сите да бидат безбедни, се осигуравме дека меѓу местата за седење да има растојание од два метри – вели Јохана и додава дека само три лица можат да седнат заедно.
Баровите се проверуваат низ целата Шведска од инспекторите, а некои се привремено затворени за кршење на мерките за социјално дистанцирање.
Еден од нив е Меѓународниот бар Стокхолм, кој според неговиот менаџер бил затворен два дена.
– Најголемата промена што ја воведовме откако повторно отворивме е дека имаме инсталирано Плексиглас прегради помеѓу групите на луѓе. Ставивме и ленти на подот за да покажеме каде може да се седи – рече тој.
Во цела Европа, но и во Шведска, многумина, сепак, го доведоа во прашање ваквиот пристап на земјата кон пандемијата на коронавирус, со оглед дека во Шведска се пријавени повеќе од 27.000 заразени и повеќе од 3.000 жртви.