Не само економски, туку и воено: Европа треба да дејствува заеднички или ќе стане играчка на трети, сметаат десет пратеници од парламентите на Германија и на Франција.
Во каков свет сакаме да живееме во 2040 година? Европските земји денес се наоѓаат на раскрсница: ако не успееме да се организираме како колектив и на меѓународната сцена не настапиме со заедничка воена стратегија, утре ќе станеме играчка со која ќе си поигруваат оние земји кои уште денес следат агресивен надворешнополитички курс, заради проширување на својата моќ. Три месеци пред европските избори, за овој предизвик мора да станат свесни не само политичките партии, туку и европските граѓани.
Меѓународниот баланс на моќта, постигнат по крајот на Студената војна, ќе биде преуреден. Тоа стана јасно на Конференцијата за безбедност одржана пред неколку седмици во Минхен. Меѓународниот систем се ниша поради нови актери желни за ширење на својата моќ, како и поради надворешната политика на актуелната американска влада.
Опасноста од новите руски ракети со среден дострел налага единствен пристап со цел зачувување на зоната на заедничка и неограничена безбедност. Европа има централен интерес и натаму да биде потписничка на меѓународни договори како што е ИНФ или Нуклеарниот договор со Иран, кој придонесува за стабилност и јакнење на меѓународната контрола на вооружување.
Соработката е задолжителна
Меѓународната безбедност е основа за соочување со глобалните предизвици од типот на климатските промени или дигиталната револуција. Истовремено, нашите војски и индустрии се во опаност да бидат технолошки прегазени. Оттаму, соработката не е само опција, туку обврска. Ниедна држава-членка на ЕУ не може сама да ги обезбеди потребните капацитети за своја одбрана. Дури, според проценките на Европската комисија, недоволната соработка во секторите на одбрана и безбедност доведува до трошоци во земјите од ЕУ, кои можат да се избегнат. Станува збор за трошоци во износ од 30 милијарди евра годишно.
Преку иницијативата на Ангела Меркел и Емануел Макрон, Европа веќе се позиционираше во однос на идните предизвици. Заедничката одбранбена и безбедносна политика е продлабочена преку различни заеднички мерки: покрај заедничкиот Европски фонд за одбрана (13 милијарди евра од 2021 до 2027 година), остварена е и Постојана структурна соработка (ПЕСКО) која со помош на зголемениот буџет за одбрана, тежнее кон подобра координација на војската и заеднички развој на сајбер-компетенциите.
Конкретни проекти на оваа соработка се зааеднички Штаб и европски центар за обука на пилоти на техничкиот воздушен транспорт. Освен тоа, девет држави, вклучувајќи ја и Велика Британија, потпишаа Иницијатива (Европска иницијатива за интервенции – ЕИ2), чија цел е промовирање на европската стратешка култура и потесна соработка во воено дејствување. Меѓутоа, од двете страни на реката Рајна мора да биде јасно дека европската одбранбена соработка не му конкурира на НАТО, туку има цел да го зајакне.
Да се согледа значењето на заедничка одбранбена политика
Франција и Германија го препознаа значењето на одбранбената политика. Двете земји започнаа со поголеми вложувања во создавање силни темели за идна соработка. Актуелни примери се заедничкото планирање на идниот систем за воздушна борба, како и конструкција на нов модел на тенк. Овие системи во иднина би требало да ја осигураат нашата воена безбедност како на копно, така и во воздух.
Но, тоа не е доволно, мораме да покренеме нови проекти заради осигурување на нашата автономија, стратешката способност и конечно, на самата егзистенција на Европа. На пример, потребни ни се амбициозни програми во вселената заради поседување независни безбедносни и извидувачки способности. А за тоа е неопходно заедничко развивање носачи на ракети.
Партнерството значи и зависност
Такви проекти можат да настанат само во рамноправни и одржливи партнерства во кои свесно ќе биде прифатена обостраната зависност. Овде е потребно надминување на тесниот фокус насочен врз сопствените национални индустрии во смисла на „праведни противуслуги“ и размислување во европски рамки: легитимно е државите да бараат свој удел во согласност со своите придонеси во заедничките програми, меѓутоа, ваквиот начин на размислување не треба да оди на штета на економската ефикасност. Затоа, во духот на Спогодбата од Ахен, мораме да пронајдеме патишта со кои ќе ги ускладиме нашите погледи кон извозот на оружје.
Повеќе:
Макрон бега нанапред, Меркел се повлекува
Новиот Елисејски договор треба да ја обнови ЕУ
Нам, Европејците, повеќе од кога било ни е потребно заради заедничкиот интерес да пронајдеме одговори на заканите кон нашиот континент. Заради продолжување на силната и пред сѐ заедничка улога на светската бина, мораме да се соочиме со предизвиците на интензивна соработка.
Автори на колумната се пратениците на Француското национално собрание Жан-Шарл Ларсоње, Кристоф Аренд, Томас Гасијо и Серен Моборњ (сите од партијата Република во движење), како и членовите на германскиот Бундестаг: Андреас Јунг (ЦДУ), Нилс Шмит (СПД), Родерих Кизеветер (ЦДУ), Михаел Георг Линк (ФДП), Рајнхард Брандл (ЦСУ) и Кристијан Петри (СПД).