ЕВРОПА ПОДЕЛЕНА ЗА ЛЕТНОТО СМЕТАЊЕ НА ВРЕМЕТО: Германците сакаат УКИНУВАЊЕ, Италијанците сакаат да остане

од Vladimir Zorba
281 прегледи

Основната идеја зад воведувањето на летното сметање на времето, кое почнува во недела на 26 март, е да се заштеди енергија, но во пракса таа идеја не ги исполни целосно очекувањата, па во Европа се повеќе се расправа дали сепак треба да се прилагодуваат часовниците двапати годишно.

Истражувањето на агенцијата „Југов“ во седум западноевропски земји, кое беше објавено денеска, покажа дека Германците најмногу се за напуштање на системот за двојно сметање на времето, додека Италијанците најмногу се за задржување на летното сметање на времето.

Идејата за подобро искористување на дневната светлина со воведување летно сметање на времето не е нова. Во далечната 1784 година, американскиот научник и државник Бенџамин Френклин предложил дека порано легнување и порано станување ќе заштеди на потрошувачката на свеќи во домаќинствата.

Неговиот предлог на шега ја објаснува основната идеја зад воведувањето на летното сметање на времето, а тоа е подобро да се прилагоди активноста на достапната дневна светлина и на тој начин да се заштеди енергија.

Летното сметање на времето првпат го воведоа Германија и Австро-Унгарија во 1916 година поради недостиг на јаглен за време на Првата светска војна, а на нив им се придружи и Велика Британија.

По таа војна, идејата беше напуштена, а експериментот со поместување на часовникот на крајот на зимата и почетокот на есента беше повторен во многу земји во Втората светска војна.

Посериозна дискусија за воведувањето на летното сметање на времето започна во 1970-тите за време на нафтената криза. Во двете Германии, срелките се движат од 1980 година, а од 1996 година, зимското и летното сметање на времето постојат низ Европската унија.

Југославија, а со тоа и сите земји кои беа дел од неа, го воведоа летното сметање на времето во 1983 година.

Во пракса, сепак, се покажа дека летното сметање на времето од една страна помага да се заштедат пари, на пример за осветлување, но од друга страна значително ја зголемува потрошувачката, на пример за загревање во студени утра.

Истражувањето на агенцијата „Југов“ покажало дека дури 75 отсто од Германците сметаат дека треба да се укине двојното сметање на времето. Така мислат 58 отсто од Швеѓаните и 56 отсто од Данците.

Во Франција 49 отсто се за актуелниот систем, а 36 отсто од граѓаните се за враќање на природно, трајно „зимско пресметување“.

Шпанците се доста поделени, бидејќи 46 отсто од нив сметаат дека треба да остане зимското и летното сметање на времето, а 42 отсто се за укинување на таа поделба.

Во Велика Британија 45 отсто се за актуелниот систем на преминување на летно сметање на времето, а 39 отсто за враќање на старото.

Единственото убедливо мнозинство Италијанци е за задржување на поделбата меѓу зимско и летно сметање на времето: 56 отсто во споредба со 32 отсто.

Меѓутоа, доколку се укине сегашниот систем за подобро искористување на дневната светлина со прилагодување на часовниците, шест од седумте испитани земји би биле за исклучиво задржување на летното сметање на времето.

Тоа време се карактеризира со подоцнежни зајдисонца, особено во лето, и подоцнежни утрински изгрејсонца, особено во зима.

Единствените кои веруваат дека треба да се вратиме на астрономското, зимско сметање на времето се Швеѓаните.

Слични содржини