Европа преплавена од кокаин, се нуди достава до дома

од Milan1
60 прегледи

На улиците низ Европа има сè повеќе кокаин, предупредува германската полиција. Во исто време, на европскиот пазар има сè помалку опиум и хероин од Авганистан поради постапките на талибанските власти. Но, тој недостаток се пополнува со вистинско море од синтетички дроги.

Шефот на германската Федерална канцеларија за криминална полиција, Холгер Минх, го користи зборот „поплава“ во разговор со новинарите кога зборува за кокаинот во Европа, а особено во Германија.

„Ова се должи на заситеноста на пазарот во Северна Америка и поголемиот фокус на Европа. Кокаинот се шири многу брзо во Германија.“

Германската полиција знае дека јужноамериканските нарко-босови не само што имаат огромни суми пари на располагање за „подмачкување“ на дистрибуцијата, туку и дека главниот канал за шверц е сè повеќе кружниот пат, првенствено преку Африка.

Германската полиција, исто така, забележува промена на пазарот на хероин. Поради Талибанците, кои во Авганистан, во согласност со шеријатскиот закон, им наметнуваат строги казни на одгледувачите на опиум, на пазарот има недостиг, а тоа го зголеми ризикот зависникот да купи хероин измешан со синтетички опијати, што е исклучително опасно.

„Поплавата“ од кокаин се одразува и на цената на дрогата „на улица“: досега беше познато дека ако еден грам чини помалку од 50 евра, тогаш се меша со некаков обично безопасен бел прав и дека за „чистиот“ мора да се плати до 90 евра. Но сега сè е многу помалку јасно, бидејќи дилерите нудат „промоции“ за да привлечат купувачи. Некои дури нудат и достава до дома, според Дојче Веле.

Главната конкуренција на кокаинот се синтетичките наркотици. „Камен“ крек на улица чини речиси колку пиво во паб околу пет евра. И постои вистинско море од други синтетички дроги кои чинат уште помалку по апче.

Полицијата, исто така, евидентирала кривични дела поврзани со дрога: кокаинот се зголемил за околу пет проценти во споредба со минатата година, а синтетичките дроги се зголемиле многу повеќе, бидејќи се произведуваат во нелегални лаборатории во самата Европа.

Слични содржини