Насилните протести против расизмот и полициското насилство што избувнаа низ Франција минатата недела полека стивнуваат. Но, потресите на политичката сцена сè уште се чувствуваат – и во Франција и во другите земји. Причина за нередите е убиството на 17-годишниот Французин со алжирско потекло кој бил убиен од полицаец при неговото бегство од сообраќајна контрола.
Пред сè, од актуелната криза профитираат оние политички сили кои генерално се против мигрантите и странците во нивните општества.
Десничарските политичари ширум Европа ги искористија немирите за да создадат или дополнително да ги зајакнат анти-бегалските и мигрантските чувства на социјалните мрежи и да повикаат на порестриктивни имиграциски политики. Во Германија, Унгарија, Полска, Шведска и Италија, десничарските сили неодамна доживеаја значително зголемување на популарноста.
„Класичен расистички дискурс“
Во многубројните дебати во Франција, фокусот е ставен на мигрантското потекло на многу од демонстрантите. Лидерот на десничарската партија „Rassemblement National“, Џордан Бардела, зборува за „брутализација на општеството како резултат на целосно луда имиграциска политика“.
Телевизискиот коментатор Жан Месиха, познат по своите десничарски екстремистички ставови, дури повика на донации за семејството на осомничениот напаѓач, против кого се води истрага за убиство со умисла. Апелот брзо се прошири низ Европа преку социјалните мрежи, а во кампањата веќе учествуваа десетици илјади луѓе, а досега се собрани повеќе од 1,2 милиони евра.
Од друга страна, претставниците на француските предградија (banlieues) или актери од граѓанското општество ретко се слушаат во дискусиите и извештаите.
„Миграцијата е прикажана како главен проблем на ова насилство“, изјави за ДВ Џихан Синаноглу од Германскиот центар за интеграција и истражување на миграцијата (ДеЗИМ).
„Насилството и социјалната динамика се етнизираат и се поврзани со миграцијата. Тоа е класичен расистички дискурс“.
Вклучен е целосниот десен спектар
И во Германија има дискусии со фокус на миграцијата, а не само од позициите на екстремната десница, вели Синаноглу: „Тој дискурс се протега преку десничарски, десно конзервативни, па дури и класично конзервативни позиции. Миграцијата е суштински поврзана со насилство и закани по јавниот ред“.
И Бијан Ѓир-Сараи, генерален секретар на Либералната партија (ФДП) во Германија, се приклучува на дискурсот: „Неконтролираната имиграција и огромните дефицити во политиката за интеграција се закана за внатрешната безбедност“, рече тој – и доби аплауз од традиционално многу конзервативната Христијанско-социјална унија (ЦСУ).
Овој наратив се шири и на социјалните мрежи. Хаштаговите како #Francehasfallen содржат расистички коментари и говор на омраза против бегалците или француските имигранти, понекогаш користејќи лажни слики или видеа. А десничарските популистички медиуми пишуваат за „бунтот на мигрантите“ и демонстрантите кои наводно го следат шеријатот.
Претставниците на германската десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD) преку социјалните мрежи повикуваат на „остра акција“ од полицијата и судовите во соседна Франција. Дебатата се одвива во време кога AfD за првпат дава градоначалник со полно работно време и добива поддршка од околу 20 отсто од граѓаните на анкетите.
Без контекст, само осуда
Во многу земји од Централна и Источна Европа, и без настаните во Франција, често имаше и агресивна агитација против бегалците, а сега се добива нов поттик. Така, на пример, полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја искористи ситуацијата за да поттикне чувство против миграцискиот пакт предложен од ЕУ.
А тука е и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој со години води политика против бегалците и миграцијата. Минатото лето шокираше со изјавите за „мешани раси“, „поплава што и се заканува на Европа“ и наводната „промена на населението во Европа“ – сите формулации кои се познати од екстремниот десен спектар, пишува Дојче веле.
И Хирадо, главната информативна програма на унгарската државна телевизија МТВА, известува за протестите од нивниот почеток, но без да ја наведе позадината на оваа деструктивност. Едвај има збор за социјалната состојба на мигрантската популација во предградијата на големите градови во Франција или за расизмот на кој многу од нив се секојдневно изложени. Дури и причината за актуелните немири, смртоносното пукање на невооружен млад човек од алжирско потекло од полицаец, се спомнува само попатно. Една од широко распространетите тези на Хирадо е дека ако и богатата Франција не успее со својата миграциска политика, имиграцијата во посиромашните земји сигурно нема да функционира.
Две страни на општеството?
За италијанскиот политичар Никола Молтени, член на десничарската партија Лега, немирите во Франција се „доказ за неуспехот на неконтролираната миграција и предупредување за остатокот од Европа“. И политичарите во Белгија и Велика Британија се залагаат за слични тези.
Сите овие изјави се засноваат на слични механизми, вели Синаноглу: „Овие млади луѓе им служат на другите да се опишат и да се дефинираат себеси: од една страна цивилизираните Французи, а од друга страна насилните млади мажи – од мигрантско потекло кои го загрозуваат јавниот ред. И тој „поредок“ мора да се заштити по секоја цена“, вели социологот.
„Се разбира, насилството (на демонстрантите, н.з.) мора да се осуди. Но, мора да размислиме и за тоа кои се причините за тоа насилство“.