Со децении Европејците од генерација на генерација стануваа економски се побогати. Нашите дедовци имаа повеќе од нашите прадедовци, а нашите родители повеќе од нивните родители. Од година во година жителите стануваа се побогати, но на таа среќна приказна и дојде крајот, бидејќи во последната година Европејците станаа посиромашни.
Американски „The Wall Street Journal“ пишува дека куповната моќ практично во сите европски земји се намалува од месец во месец. Французите јадат помалку деликатеси и пијат помалку црвено вино, Шпанците штедат на маслиново масло, Финците палат сауни во ветровитите денови кога струјата е поевтина.
Во Германија потрошувачката на месо и млеко падна на најниско ниво во последните три децении, а пазарот на органска храна, кој до неодамна беше во метеорски пораст, сега е во исто толкав метеорски пад.
Во Италија се свикуваат кризни состаноци поради цените на тестенините кои поскапеа двојно повеќе од инфлацијата. Во различни земји има стотици слични примери, а поради падот на потрошувачката, Европа на почетокот на годината падна во рецесија.
Сегашната ситуација во која се наоѓа Европа не се случи преку ноќ. Нејзиното население старее, а освен тоа, Европејците преферираат се повеќе слободно време и пократка работна недела, што со години го забавува економскиот раст и ја намалува продуктивноста. Потоа дојде добро познатата пандемија на Ковид-19 и војната во Украина, што резултираше со нарушување на глобалните синџири на снабдување и нагло зголемување на цените на енергијата и храната.
Реакциите на владите ширум континентот само го влошија проблемот, бидејќи, за да ги зачуваат работните места, властите најмногу се определија за модел на субвенции што ги насочуваа кон работодавците, со што граѓаните – потрошувачите – ги ставаа во незавидна положба кога цените во продавниците скокнаа. За разлика од Европејците, Американците повеќекратно имаа корист од евтината енергија и пакетите помош што нивната влада најмногу ги насочуваше кон граѓаните наместо кон работодавците за да ги охрабри да ги трошат.
Европа вообичаено има моќна извозна индустрија, а во минатото жителите можеа да се потпрат на неа. Сепак, Кина, која претставува клучен европски пазар, исто така е во економски проблеми, кои потоа се прелеваат во Европа. Високите трошоци за енергија и огромната инфлација што не се забележани од 1970-тите, ја намалуваат конкурентноста на европските производители на меѓународните пазари и ги нарушуваат некогашните хармонични работни односи на континентот. Со забавувањето на глобалната трговија, зависноста на Европа од извозот – кој сочинува околу 50% од БДП на еврозоната во споредба со 10% во САД – станува слабост.
Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), потрошувачката во 20-те земји членки на еврозоната е намалена за околу 1 отсто од крајот на 2019 година. Од друга страна, во САД во истиот период порасна за речиси 9%. Европската унија сега сочинува околу 18% од вкупната светска потрошувачка, а САД со околу 28%. Пред 15 години, ЕУ и САД сочинуваа околу четвртина од вкупната светска потрошувачка.
Приспособени за инфлацијата и куповната моќ, платите се намалени за приближно 3% од 2019 година во Германија, 3,5% во Италија и Шпанија и 6% во Грција. Од друга страна, реалните плати во САД се зголемија за околу 6% во истиот период. Според податоците на ММФ, економијата на еврозоната пораснала за околу 6 отсто во последните 15 години, а на САД за дури 82 отсто.
Директна последица на ова е што просечната земја на ЕУ е посиромашна од сите американски држави, освен Ајдахо и Мисисипи. Ако сегашниот тренд продолжи до 2035 година, разликата помеѓу економското производство по глава на жител во САД и ЕУ ќе биде исто толку голема како онаа меѓу Јапонија и Еквадор.
Со оглед на зголемените трошоци за задолжување и потребата европските влади да ги зголемат воените трошоци, економистите очекуваат зголемување на даноците, што врши дополнителен притисок врз потрошувачите. А даноците во Европа се веќе високи во споредба со другите богати земји со околу 40-45% од БДП, во споредба со 27% во САД. Американските работници добиваат речиси три четвртини од платата, додека француските и германските работници задржуваат само половина од она што го заработуваат.