Пратениците во Европскиот парламент се договорија за резолуционен документ за последните случувања во дијалогот меѓу Србија и Косово, вклучително и вооружениот напад во Бањска за кој одговорноста ја презеде Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа. За овој документ пратениците ќе расправаат утре, кога треба и да го усвојат. Клучното барање е да се преземат мерки против владата на Србија доколку се утврди дека била директно вмешана во „терористичкиот напад во Бањска“ и доколку е вмешана во насилствата на северот на Косово во мај годинава. Од српските власти се бара да го екстрадираат Милан Радоичиќ на Косово, пренесува „Нова.рс“.
Во финалниот нацрт на резолуцијата, до која „Нова.рс“ имала увид, се повикува на деескалација на конфликтот на северот на Косово, а Србија целосно да соработува во истрагите.
ЕП бара Србија да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за нападот кои се наоѓаат во Србија. Ова пред се се однесува на Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, кој ја презеде одговорноста за вооружениот напад.
Европратениците бараат Србија да го екстрадира Радоичиќ на Косово.
Во резолуцијата беа предложени мерки кои треба да бидат усвоени против Србија доколку таа не одговори на барањата на ЕУ.
Предлогот е да се преземат мерки против владата на Србија доколку истрагите откријат дека државата Србија била директно вмешана во терористичкиот напад во Бањска или во насилните напади што се случија на северот на Косово во мај 2023 година.
Се предвидуваат санкции доколку „српските власти не се подготвени целосно да соработуваат“.
Во овој контекст, европратениците ја повикуваат ЕК да ги суспендира средствата доставени за Србија во рамките на Инструментот за претпристапна помош III, доколку резултатите од истрагата покажат дека српската држава била директно вмешана во овие напади.
Тие ја повикуваат ЕК да усвои насочени рестриктивни мерки и наведуваат: „вклучувајќи, но не ограничувајќи се на замрзнување на имотот и забрани за патување, против дестабилизирачките актери на северот на Косово и водачите на големите мрежи на организиран криминал“.
Понатаму предлагаат ЕК да го следи примерот на САД и да воведе санкции за Милан Радоичиќ.