Оваа недела европратениците ќе разговараат за создавање на над 5.000 зони со бесплатен безжичен интернет на јавни места. Системот за идентификација ќе биде единствен. Ова е дел од обидите за создавање на дигитална унија, објави од прес-службата на парламентот.
Европското финансирање за планот ќе треба да биде распределено на избалансиран географски принцип на првите кандидати до исцрпување на средствата. Буџетот на шемата WiFi4EU е 120 милиони евра за периодот 2017 – 2019 година, а идејата е до 2020 година бројот на градовите и селата кои се вклучени во шемата, да стигне меѓу 6000 и 8000.
“Можноста секој да ја користи врската значи дека не треба да има разлика каде живеете или какви се приходите. Затоа денес нудиме до 2020 година да обезбеди бесплатен пристап до безжичен интернет на најпосетените јавни места во секое село и секој град во Европа “, рече во својот говор, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во 2016 година. Шемата WiFi4EU ќе биде достапна за органи од јавниот сектор – во принцип локални општини, библиотеки, здравствени центри и др. Со неа ќе бидат финансирани трошоците за опрема и инсталација (точки за пристап на интернет), а корисникот ќе плаќа за поврзување (претплата за интернет) и одржување на опремата во добра состојба за период од најмалку 3 години.
Шемата WiFi4EU ќе биде реализирана преку поедноставени процедури, како онлајн апликации, плаќања со ваучери и релаксирани барања за мониторинг.
Организаторите на проекти кои конкурираат по шемата, треба да понудат места во кои не постои јавна или приватна понуда на точки за слободен пристап до Wi-Fi со слични карактеристики. Се очекува првата покана за проекти да биде упатена кон крајот на 2017 година или во почетокот на 2018 година