Европска делегација предводена од Хан денеска во Скопје

од desk3

На владина седница еврокомесарот Јоханес Хан денеска ќе ја слушне содржината на  Акцискиот план, кој во петокот на средбата со невладините организации премиерот Зоран Заев го најави. Што конкретно содржи планот, владата до сега не откри. Од Владата најавуваат дека од денешната седница ќе произлезат заклучоци кои ќе мора да се спроведат за да може Македонија најбрзо што може да добие датум за преговори со Унијата.  Хан пред да дојде и порача на владата дека заедно со опозицијата, треба да се фокусира на имплементирање на итните реформски приоритети и Договорот од Пржино.

Според агендата Хан најпрво ќе се сретне со премирот Зоран Заев, а потоа европската делегација предводена од еврокомесарот ќе оствари средба со министрите Радмила Шеќеринска и Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. После 14 часот ќе се одржи владината седнца. Хан денеска ќе се сретне и со лидерите на другите политички партии.

 

„Земјата конечно ја надмина политичката криза со континуирана поддршка од ЕУ преку добро спроведени избори и формирање нова влада. Сега новата влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на имплементирање на Итните реформски приоритети и Договорот од Пржино за да ја врати земјата на патот на ЕУ интеграциите. Реформите мора да се спроведат за да се подобрат животите на граѓаните, да се работи на стабилност, просперитет и правда“, објави Хан на Твитер пред посетата.
По владината седница, Хан и Заев ќе имаат заедничка прес-конференција.

Во Скопје ќе биде и германскиот експерт Рајнхард Прибе, од чиј извештај со препораки од 2015 година произлегуваат Итните реформски приоритети. Прибе, кој пристигна во Македонија во петокот и беше на Летната школа за правници во Охрид, ќе остане во земјата и во наредните неколку дена да ја советува владата околу спроведувањето на Итните реформски приоритети.

Слични содржини