Европската комисија денеска соопшти дека ќе реагира „веднаш и одлучно против неоправданите пречки за слободната и фер трговија“, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација наскоро ќе објави воведување царини од 25 отсто на увозот од Европската унија.
Портпаролот на ЕК, како одговор на барањето за коментар на најавите на Трамп, исто така рече дека ЕУ ќе реагира „кога царините ќе се користат за оспорување на законски и недискриминаторни политики“, објави Ројтерс.
– Европската унија е најголемиот слободен пазар во светот. И тоа беше благодет за САД, рече портпаролот.
Тој рече дека „ЕУ секогаш ќе ги штити европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царини.
Портпаролот рече дека со создавањето на голем и интегриран единствен пазар „ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји“.
– Како резултат на тоа, американските инвестиции во Европа се многу профитабилни. Европа се залага за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство доколку играте според правилата. Но, ние ќе ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор. Од нас не очекуваат ништо помалку – заклучи портпаролот.
Трамп претходно вчера изјави дека одлучил да воведе царини од 25 отсто за увоз на стоки од ЕУ „во општа смисла“, додавајќи дека тие тарифи конкретно ќе го таргетираат увозот на автомобили.
Според него, царините ќе важат за сите стоки, но особено нагласи дека тие ќе ја погодат европската автомобилска индустрија.
Тој ја критикуваше ЕУ како ентитет кој е „формиран за да ги измами САД“, објави њујоршката ТВ мрежа Ен-Би-Си.
По коментарите на Трамп, еврото благо ослабе, пад од 0,2 отсто во однос на американскиот долар.