Европската комисија му препорачува на Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија, а условно и со Босна и Херцеговина, изјави денеска во Брисел претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.
На презентацијата на Пакетот за проширување за 2023 година, Фон дер Лејен рече дека Комисијата препорачува отворање преговори со БиХ кога таа земја ќе го достигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство во ЕУ.
„Европската комисија му препорачува на Европскиот совет да ѝ додели на Грузија статус на кандидат за членство, под услов да спроведе одредени реформи“, рече Фон дер Лејен.
Таа изјави дека Украина имплементирала повеќе од 90 отсто од чекорите што требало да бидат преземени врз основа на минатогодишниот Извештај на ЕК.
Европската комисија препорачува Европскиот совет, исто така, да усвои преговарачка рамка за Украина откако таа ќе ги спроведе тековните реформи.
Кога станува збор за Босна и Херцеговина, Фон дер Лејен изјави дека ЕК препознала бројни позитивни политички и правни чекори и забележал напредок во борбата против организираниот криминал и перењето пари, но и изразил загриженост за неуставните закони усвоени од парламентот на Република Српска.