Европската унија испраќа помош за Албанија и Грција поради шумските пожари

од Vladimir Zorba
25 прегледи

,Европската комисија денеска соопшти дека мобилизирала итна помош за Грција и Албанија во борбата против шумските пожари.

„ЕУ стои со Грција и Албанија додека тие продолжуваат да се борат со разорните шумски пожари. Благодарение на Италија, Франција, Србија, Романија и Чешка, мобилизиравме авиони, хеликоптери и копнени тимови преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ“, рече Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич на својата сметка на социјалната мрежа Икс.

Тој сподели изјава во која вели дека поддршката била мобилизирана откако Грција и Албанија го активирале Механизмот за цивилна заштита на ЕУ како одговор на силните шумски пожари во тие земји.

Се додава дека Координативниот центар за одговор при итни случаи на Европската комисија веднаш ги мобилизирал средствата за гаснење пожари од воздух и земја од неколку европски земји кои се дел од механизмот за давање помош на Грција.

Оваа поддршка вклучува два противпожарни авиони од Италија кои се дел од системот rescEU, хеликоптер rescEU од Франција и хеликоптер понуден од Србија.

Дополнително, ангажирани се и копнени противпожарни екипи од Србија, како и од Чешка, Франција, Италија и Романија. Во исто време, се забележува дека меѓу првите на пожарите реагирале пожарникарите од Романија, Молдавија и Малта, кои биле стационирани во Грција.

Кога станува збор за поддршката за Албанија, таа вклучува еден повеќенаменски воен авион од Романија со капацитет од шест тони вода, кој ќе биде распореден на 14 август.

„Комисијата внимателно ја следи ситуацијата и е подготвена да распореди дополнителна помош по потреба“, се вели во соопштението.

 

Слични содржини