Европски манири од Јорданов: „Македонците се „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“

од Vladimir Zorba

Во објава на Фејсбук, која изобилува со навреди и пцости за Македонците, квалификувајќи ги како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“, бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава (2001-2005 година) Александар Јорданов порачува дека за Северна Македонија нема место во Европската Унија. Јорданов е член на партијата Сојуз на демократски сили – СДС, која е во коалиција со ГЕРБ на Бојко Борисов, а во Европскиот парламент (ЕП) делува како член на Европската народна партија – ЕПП.

„Скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија Гоце Делчев, испраќа јасна порака: Република Северна Македонија нема место во Европската Унија“, напиша вчера Јорданов на својот фејсбук профил.

Според него, „уште еднаш стана јасно дека еден национален револуционер како Бугаринот Георги Делчев нема ништо заедничко со денешните Македонци кои се ‘копи-пејст’ на најодвратните комунисти од времето на Југославија“.

„Мора да се стави крај на нивната децениска непријателска политика кон Бугарија. Го слушнав и лидерот на опозицијата во оваа земја – малку познатиот Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој активно работи против својата држава во интерес на соседна Србија. А најверојатно и на Русија. Денеска не повика нас, Бугарите, да гледаме кон иднината, кон 21 и 22 век. Веднаш му одговарам: Ако сакате, т.н Македонци, да гледате во иднината, зошто центарот на Скопје го изградивте со антички и ренесансни градби? Зошто го фалсификувавте дури и урбаниот архитектонски простор? Нема иднина за такви комунистички остатоци како вие титоисти, црвени ѓубриња, југословенски гикови. Ќе висите пред портите на Европа многу долго. Ќе клечите пред нив додека не ви скапат тиквите за историската вистина дека сте срамни наследници на достојни македонски Бугари. Дека сте се одродиле од својот бугарски народ. Долго ќе чекате за европско членство, барем додека не сфатите дека сте србомански измет. И дека не сте достојни да го носите името Македонци, затоа што ова име низ вековите го носат само Бугари, македонски Бугари. И тоа какви Бугари: Прличев, браќата Миладинови, Кирил Пејчиновиќ, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански“,се наведува во фејсбук објавата на Јорданов која ја пренесува бугарски „Труд“.

Слични содржини