Европскиот Флојд: Момче починало откако полицајци клечеле врз него (ВИДЕО)

од Aleksandar Petrovski
136 прегледи

Белгиските власти водат истрага за смртта на маж, откако беше објавено видео на социјалните мрежи, на кое, наводно, се гледа како полицаец клекнува на неговиот грб.

Полицијата соопшти дека 29-годишен маж од алжирско потекло е уапсен во неделата пред кафе во Антверпен, откако тој, наводно, се обидел да нападне луѓе.

Мажот починал неколку часа по апсењето во болницата.

Неговата смрт ги натера луѓето да извлечат паралела со случајот со Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина во мај во американскиот град Минеаполис, откако полициски службеник при апсењето го притисна со колено на вратот.

Портпаролот на полицијата изјави за АФП дека полицајците биле повикани на местото на настанот откако „многу вознемирен“ маж се обидел да нападне луѓе, додавајќи дека тој веќе бил повреден и дека се чинело дека бил во алкохолизирана состојба, јавува Би-Би-Си.

Полицијата на Антверпен изјави во порака на Твитер дека нема да го коментираат случајот сè додека не се спроведе судската истрага.

Во локалните медиуми починатиот човек се викал Акрам, а луѓето во Белгија споделуваат таканаречени хаштагови „Правда за Акрам“ и „Убиство во Антверпен“.

Смртта на Џорџ Флојд предизвика протести против расизмот и полициската бруталност низ целиот свет.