Европскиот фронт бара формирање Собраниска комисија за оценување на „селективната правда“ за пожарот во Кочани

од Nikola Popovski
59 прегледи

Пратеничката група на коалицијата Европски Фронт, предводена од ДУИ, ќе побара формирање на посебна Парламентарна Комисија за истражување на селективниот и едностран пристап на правосудниот систем, кој е, како што велат, под контрола на Владата, во третманот на трагедијата во Кочани.

Според ДУИ, оваа комисија треба да се формира веднаш и да вклучи претставници на ОБСЕ, како и претставници од амбасадите на САД. ЕУ и земјите-членки на Европската Унија во својство на набљудувачи, со цел да се обезбеди фер, независен и транспарентен истражен процес.

-Селективната правда ја потресе секој граѓанин на оваа земја и создаде без преседан ситуација која ги загрозува темелите на правната држава и довербата на граѓаните во институциите, велат од партијата од Мала Речица.

ДУИ реагира дека сопственикот на дискотеката Пулс од Кочани полицијата го водела без лисици, а со екс министерот за економија, Крешник Бектеши било обратно, го воделе со лисици на рацете. Велат дека гледаат со неверување на фактот дека нема вина кај актуелните директори на ДПИ, УЈП и Јавна безбедност и министрите за економија и внатрешни работи за пожарот во кочанската дискотека. Според опозициската партија, дури и студент на прва година од Правен факултет знае дека не постои причински последична врска низ годините, кога сите дозволи и лиценци се обновуваат секоја година. Од ДУИ велат дека „ова не е правда туку трансакција“.

Од СДСМ реагираа дека според член 117 од Законот за стечај, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот.

-Ако блокадата била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот „Пулс“ требал да биде затворен. Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи беа загубени, рекоа од опозициската партија преку соопштение.

Слични содржини