Европскиот фронт го има истиот број на пратеници, рече Беџети за заминувањето на Тачи

од Nikola Popovski
43 прегледи

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети нема информации дека лидерот на ДПА, Мендух Тачи го напушта Европскиот фронт.

-Европскиот фронт го има истиот број на пратеници во Собранието. За други прашања, треба да се обратите до господинот Тачи или господинот Ахмети, рече Беџети на прес-конференција во Собранието, додавајќи дека нема промена во бројот на пратеници од нивната пратеничка група.

Отсуството на Тачи на завчерашниот настан на опозициската коалиција, Беџети го опиша како „нормално“.

-Секој еден со своите обврски и протоколарни средби може да отсуствува. Никогаш не било тема, додаде пратеникот.

Вчера проструи информација дека Тачи го напуштил ЕФ. Ваквата одлука ја потврдиле и од неговата матична партија, нагласувајќи дека нема да бидат повеќе дел од опозициската коалиција, но дека Тачи ќе остане само во комуникација со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

За разлика од ваквото соопштение, Ахмети вели дека тој продолжува да биде на линија со Европскиот фронт.

Европскиот фронт има 18 пратеници во Собранието.

Слични содржини