Европскиот фронт обвинува за „етничко чистење“ на институциите, но „заборава за 22-те години на власт“: „Партиите ги користат вработените со договор на дело за политички маркетинг и гласови“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Сега веќе опозицискиот Европски фронт, предводен од ДУИ и Алијанса за Албанците, упати силни негодувања до актуелната власт дека се „маргинализираат Албанците“ во државата. Беа употребени и зборовите „етничко чистење на Албанците“ по институциите. Ваквите реакции следуваат по најавите за укинување на „балансерот“, по именувањето на нови в.д. директори во неколку јавни институции кои се Македонци по националност, но и поради отпуштањето на 18-те спорни вработени на Клиниката за токсикологија кои беа без валидни договори за вработување. Главен виновник според опозициските партии од албанскиот блок е коалицијата ВЛЕН и новиот министер за здравство, Арбен Таравари. Сепак, во нападите не беа поштедени ниту од ВМРО-ДПМНЕ кои се обвинуваат поради „спроведување на политиките согласно со Македонија повторно твоја“.

Дали сега се „македонизираат“ институциите или претходно беа премногу „албанизирани“?

Дали ваквите обвинувања на партиите од албанскиот опозициски блок се оправдани или само се работи за добивање на политички поени е дилемата што се отвора во јавноста. Дел од аналитичарите сметаат дека добро е што албанската опозиција почна да сфаќа дека треба да реагира и да биде конструктивна, но оценуваат дека за да обвинуваш треба да имаш аргументи. За поранешниот пратеник, Зуди Џелили, зборот „етничко чистење“ најмалку треба да биде употребуван од Европскиот фронт, бидејки, како што вели, „22 години се фалат како работеле за заедничка држава и дека сите отворени прашања ги решиле“.

Зуди Џелили

-Јас мислам дека треба да се престане да се игра на национилистичка карта од било која страна. Не е во ничиј интерес. Албанците се фактор во Северна Македонија и во регионот и нивната определба е јасна – членство во Европската унија за подобра иднина за сите народи во регионот. Сакам да кажам дека Северна Македонија ниту е албанизирана ниту може да се македонизира, туку треба да се негува таква како што е, вели Џелили во разговор за „Локално“.

Што се однесува до тоа дали преку ВЛЕН, Албанците се доволно застапени и дали коалицијата прави доволно, соговорникот истакнува дека треба да се работи праведно без задни намери меѓу владеачките партнери.

-Само така може да имаме добар соживот, развојна економија, успешна борба против корупцијата и развиени општини. Што се однесува до поделбата на функции, мислам дека треба секаде да има застапеност за покоректно функционирање на институциите, посочува Џелили.

За поранешниот народен преставник во Парламентот, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги имаат сите услови за да ги реализираат своите ветувања.

-Имаат големо мнозинство во Собранието и не смеат да дозволат опозицијата да ги вовлече во меѓуетнички реторики кои се штетни и се веќе надминати. Луѓето бегаат од државата за подобар живот и ние треба да се грижиме да престане овој феномен и евентуално да се грижиме да ги вратиме назад. Меѓународната заедница исто така чека власта да ги реализира ветувањата и со нетрпение чекаат конкретни резултати, но не враќање назад кон минатото, заклучува Џелили.

Од друга страна, политичкиот аналитичар, Берат Азизи смета дека на прв поглед изгледа дека се врши „етничко чистење“ на некои институции, но, вели дека проблемот стана политички како секогаш бидејќи партиите ги користат вработените со договор на дело, не само за политички маркетинг, туку и за гласови.

Берат Азизи

-Реакциите од ДУИ и АА се нормални бидејќи како опозиција имаат право да реагират за секоја грешка или за секоја одлукла на власта. Проблемот со вработените кои не се виновни и жално е што тие стана мета на политичките парти датира од времето кога тие беа примени на работа. ДУИ и АА се виновни бидејќи ги вработиле, иако се знаеше дека Токсикологија има потреба за работници, но не им го решиле статусот. ДУИ и АА требаше да не дозволуваат некој сега да игра со нивната иднина. Милсам дека најголема грешка е што ги вработија со договор на дело во времето кога тие беа на власт и можеа лесно да им го решат проблемот. Од друга страна јавноста прашува зошто само Албанците се со договор на дело или само тие се избркани од работа и ова прашање отвара многу дилеми. Мислам дека новата власт треба еднаш засекогаш да го реши проблемот без разлика на етничката припадност, вели Азизи во разговор за „Локално“.

Со т.н. „албанизирање“ на институциите, истакнува аналитичарот, претеруваат подржувачите на ВМРО-ДПМНЕ,. Азизи е дециден дека ние сме едно мултиетничко општество каде секој има право да биде вработен без разлика на бројот, кој, колку и каде.

-Никогаш институциите не биле премногу албанизирани . Треба да се ослободуваат од предрасудите кои не водат никаде, туку само нè враќаат назад. Знам дека некој игра на националистичка карта, но ние треба да играме на економска карта која ќе ги намали и предрасудите и поделбите во нашето општество. Не можеме да одиме напред со реториката на ЗНАМ која на избори самата ги албанизира штабовите за да добива албански гласови, а сега е против се што е албанско. За ова нема место кај нас, тврди соговорникот.

На прашањето дали ВЛЕН прави доволно за застапеноста на Албанците во институциите и Владата и дали е проблем што нема Албанец на челните позиции во Агенцијата за разузнавање, Азизи оценува дека треба да има Албанец на првите позиции, почнувајќи од досегашните случувања кои на крај излегоа дека неколку луѓе биле манипулирани.

-Судските процеси кои на крај излегоа дека невини луќе беа затворени со години, дава знак дека некој ги дели луѓето според етничка припадност и поради тоа мислам дека треба да има Албанец во Агенцијата за разузнавање и заедно со Македонците да го решат овој проблем. Јавноста тогаш ќе има слика кои се тие што работат за интересот на странските служби, објаснува аналитичарот, додавајќи:

-Реториката нема да биде заостарена бидејќи многу луѓе се водат од политичкиот интерес или од лажниот патриотизам, вели Азизи, запрашан дали генерално е заострена реториката помеѓу етникумите откако дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт.

Етничкото чистење на Албанците во институциите кое започна со намалувањето на процентот преку „балансерот“, продолжува со здравствениот сектор на чело со Арбен Таравари, обвинија вчера од Алијанса за Албанците. Партијата саркастично упати „честитки“ до новиот министер за здравство.

Од партијата на Зијадин Села истакнуваат дека директорот на Клиниката за Токсикологија, поставен лично од Таравари, отпуштил 18 Албанци.

-Во меѓувреме, голем број вработени во други клиники алармираат дека добиле предупредувања дека многу брзо може да ја имаат истата судбина. Го повикуваме Таравар и коалицијата ВЛЕН сега да престанат со оваа сервилност со сериозни последици за Албанците. Јавно ги прашуваме дали е ова политиката што толку помпезно ја најавуваа и промената што им ја ветуваа на Албанците во изборната кампања. Со оваа промена навистина ги спроведувате политиките на Мицкоски – „Македонија повторно твоја“, стои во партиското соопштение на АА.

Новиот директор на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев вчера информираше дека 18-те спорни вработени кои беа без валидни договори за вработување веќе не доаѓаат на работа. Вели дека тие незаконски биле дел од институцијата, а со тоа што добивале плата оштетен е и буџетот. Целата документација околу овој случај, вели ја предале на надлежните органи.

Н.П.

Слични содржини