Европските големци задоволни од Трамп – порачаа дека одлуките за Украина не може да се носат без неа

од desk2
14 прегледи

Европските лидери се релативно задоволни по денешната видеоконференција со претседателот на САД, Доналд Трамп, пред неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, која ќе се одржи в петок во воена база на Алјаска.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон порачаа дека одлуките за Украина не можат да се донесат без самата Украина и дека таа мора да биде вклучена во секоја конечна одлука. Двајцата ја поддржаа идејата за можен иден трилатерален самит со Трамп и Путин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска допатува во Берлин за официјална средба со канцеларот Мерц.

Макрон откри дека американскиот претседател ќе побара прекин на огнот во Украина.

Тој додаде дека разговорите со Трамп биле шанса да се разменат намерите и очекувањата за средбата на 15 август.

По средбата, германскиот канцелар Мерц изјави дека е „многу среќен“ што Зеленски можел да го посети Берлин и заедно да одржат видео-конференција со европските лидери и Трамп. Мерц смета дека прво треба да се постигне спогодба за прекин на огнот, а потоа да се работи на траен мировен договор. Тој рече дека не смее да се случи да се признае руското владеење на украински територии.

Канцеларот предупреди дека, ако нема отстапки од Москва, Европа и САД ќе бидат принудени да извршат поголем притисок врз Путин, нешто што, како што истакна, и Трамп го прифаќа.

Украинскиот претседател Зеленски му се заблагодари на Мерц, како и на Германија и сите партнери – меѓу кои Урсула фон дер Лајен, Марк Руте, Џорџа Мелони и Емануел Макрон за поддршката.

„Сè што се однесува на Украина мора да се дискутира со Украина, мора да бидеме дел од разговорот“, порача тој.

Зеленски повика на нови санкции против Русија ако Кремљ не се согласи на прекин на огнот, оценувајќи дека Путин „блефира“ и се обидува да изврши притисок по целата фронтовска линија.

Слични содржини