И додека Швајцарците плаќаат до 60 проценти повеќе од европскиот просек за иста кошничка со храна, цените во Македонија се најниски на континентот. Разликите во цените на храната низ Европа се огромни, а најновите податоци на Евростат откриваат каде купувањето е најприфатливо и каде најмногу ќе го оптовари буџетот на домаќинствата, пишува „Eуроњуз“.
Храната претставува еден од најголемите трошоци за европските домаќинства, со просек од 11,9% од вкупната потрошувачка во Европската Унија, додека во земји како Романија тој удел се зголемува на 20%. Споредбата на цените се базира на индексот на „Евростат“, каде што просечната цена на кошничката за храна во ЕУ е 100. Вредност над 100 означува повисоки цени од просекот, додека вредност под 100 означува поповолни цени.
Според податоците за 2024 година, Швајцарија е убедливо најскапата земја со индекс од 161,1, што значи дека цените на храната се за 61,1% повисоки од просекот на ЕУ. По неа следат Исланд (146,3) и Норвешка (130,6), земји кои исто така не се членки на Унијата.
Во рамките на ЕУ, жителите на Луксембург мора да имаат „длабоки џебови“ каде што цените се за 25,7% повисоки од просекот. Високи цени се регистрирани и во Данска, Ирска, Франција, Австрија и Малта.
Од друга страна, најевтина храна во Европа има во Македонија, со цени за 27% пониски од просекот на ЕУ.
Во рамките на Унијата, Романија е најповолна состојба, каде што истата кошничка храна е поевтина за 25,4%. Ниските цени на храната се карактеристични за Југоисточна Европа и Западен Балкан, па затоа Турција, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија се исто така значително под просекот.
Меѓу најголемите економии во ЕУ, цените во Германија и Италија се малку над просекот, додека Франција е значително поскапа. Шпанија, од друга страна, е за 5,4% поевтина од просекот на Унијата.