Еврото на највисоко ниво во однос на доларот од август

од Vladimir Zorba

Доларот денес е на надолна патека, продолжувајќи ги загубите од четвртокот, кога го забележа својот најголем еднодневен пад во последните седум години, откако податоците покажаа забавена инфлација во САД во октомври, намалувајќи ја веројатноста дека Федералните резерви ќе продолжи агресивно да ги зголемува клучните каматни стапки.

Според вчерашните официјални податоци, потрошувачката инфлација во САД во октомври изнесувала 7,7 отсто на годишна основа, што е нејзин најбавен раст од јануари и помалку од пазарните прогнози дека ќе изнесува 8,0 отсто.

Во четвртокот, доларот го забележа најголемиот еднодневен пад од крајот на 2015 година, под влијание од намалувањето на приносите на американските државни обврзници, додека другите валути – јен, фунта, евро пораснаа.

Еврото продолжи со растот од претходниот ден, кога порасна за 2,0 отсто во однос на доларот, зголемувајќи се за нови 0,3 отсто денеска на 1,0245 долари, што е највисоко ниво од август.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошницата на големи ривали, потона за речиси 0,5 отсто, додека ризичните средства вклучувајќи акции, валути на пазарите во развој и стоки пораснаа. Забавувањето на американската инфлација, иако позитивно за позајмувачите, го одразува опкружувањето на економското забавување на САД, според аналитичарите.

Доларот порасна за 12 отсто оваа година во однос на кошницата на ривалски валути, во светло на решителната акција на ФЕД да ја врати инфлацијата, која достигна речиси двоцифрена вредност на почетокот на оваа година, на целното ниво од 2,0 отсто.

Слични содржини