Одлуката за недоделување датум за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија е погрешна, вели копретседавачот на парламентарната комисија за стабилизација и придруживање ЕУ-Србија во ЕП, Тања Фајон, во интервју за српската Н1 ТВ.
„Не можам да кажам дека тоа беше одлука на ЕУ, тоа беше одлука на една земја, Франција, која од внатрешни политички причини го блокираше приближувањето на Северна Македонија и Албанија. Ние сме пријатели, бараме процесот да продолжи. Франција и другите земји кои ќе го блокираат таквото проширување ќе бидат одговорни за стабилноста на регионот, кога, од друга страна, имаме земји кои се подготвени да преземат некој дополнителен чекор“, истакна Фајон.
Таа потсети дека Европскиот Парламент минатата недела даде јасна порака дека го поддржува проширувањето на ЕУ за сите земји од Западен Балкан. Фајон истакна дека е сигурна оти во Брисел постои сериозна загриженост за изјавите на на претседателот на Србија, Александар Вучиќ по отсуство на одлуката на ЕС за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, кој зборува за последователно зголемување на недовербата во регионот кон ЕУ и потребата од „развивање врски со други партнери, како што се Турција, Кина и Русија“.
„Бидејќи кога ја разгледуваме надворешната политика на Србија, би сакале да видиме дека законодавството на Србија се приближува кон ЕУ. Кога имавме санкции (ЕУ против Русија), Србија не ги воведе, и тоа беше една од сериозните критики на Брисел. Сите знаеме дека Западен Балкан е полигон со различни геополитички интереси, но Србија е дел од Европа. Се плашиме од Кинезите и од бизнисот со продажба на оружје и од слични такви работи – ова се сериозни грижи, но отворениот дијалог со Русија и Кина е нешто што е нормално, и Словенија има отворен дијалог, но друго е тоа каде сакаш да отидеш, во која насока. Очекувам дека Србија искрено ќе работи и понатаму за влез во ЕУ“, додава Фајон.
На прашањето дали има впечаток дека на Србија не и се брза да влезе во ЕУ, одговори: Понекогаш, од една страна, ЕУ е голем донатор и голем инвеститор во Србија, дека граѓаните на Србија споделуваат европски начин на живот, европски вредности, а да од друга страна, Србија разговара со Русија и Кина, оценувајќи дека понекогаш се чини дека на Србија и одговара на статус кво.Таа оцени дека ЕП и ЕУ ја поддржуваат Србија и прават се што е можно за да продолжат со работата на процесот на проширување.
„Србија, во разговорите се залага за проширување и за реформскиот процес, рече Фајон, додавајќи дека ќе се види со тек на време колку тоа било искрено. Имаме неколку отворени поглавја, посакувам да има повеќе…Но, кога е во прашање борбата против корупцијата, против организираниот криминал, независноста на обвинителството и судството, слободата на медиумите и владеењето на правото-кога имате нормални услови тоа значи да имате подобри инвестиции, здрава економија и здрава политичка соработка. Сето ова е она што Србија, во принцип, сака да го направи, колку е чесно, ќе видиме со тек на времето“, дополни Фајон.