Повеќе од година дена Јавното обвинителство Скопје води предистражна постапка за случај поврзан со наводно фалсификување на деловодна книга во Општина Чаир, поврзана со легализација на бесправно изградени објекти. Иако случајот бил отворен по медиумски извештаи и официјални пријави, досега не е донесена јавнообвинителска одлука.
Според информации добиени од ОЈО Скопје, предметот се наоѓа во завршна фаза на прибирање докази. Од Општина Чаир, Министерството за транспорт и врски, Државниот управен инспекторат и Инспекторатот за градежништво се прибрани обемни документи. Исто така, биле испитани повеќе службени лица од Општината, како и граѓани кои поднеле барања за легализација на дивоградби.
Суштината на случајот лежи во споредбата на две деловодни книги – една регуларна и една наводно фалсификувана. Според пријавата, службеници во Општина Чаир ја препишувале содржината од оригиналната деловодна книга во нова, фалсификувана верзија, во која биле избришани или прескокнати стотици архивски броеви. Останатото празно место, според наводите, било наменето за внесување на предмети од 2011 година за легализација на дивоградби – ретроактивно и потенцијално незаконски.
Иако, според пријавителите, регуларната деловодна книга веќе била доставена до Обвинителството, до денес фалсификуваната книга не е прибавена, ниту е извршен увид во неа. Ова, според извори блиски до случајот, предизвикува сомнежи за одолговлекување и за можна политичка или лична поврзаност во институциите.
Името на обвинителката Емилија Мизо се спомнува во јавноста во контекст на бавно постапување, при што се истакнува и нејзината роднинска врска со Виктор Мизо, поранешен директор на ТИРЗ.
Случајот повторно доби на значење откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, јавно објави дека во Чаир се регистрирани над 100 дивоградби, повикувајќи го ОЈО да преземе итни мерки.
Граѓаните сè почесто бараат одговорност и транспарентност од институциите – не само за тековното општинско раководство, туку и за претходните градоначалници, меѓу кои и актуелниот вицепремиер Изет Меџити, кој, според пријавителите, исто така треба да биде предмет на истрага.
Сега останува прашањето: Дали ќе има правда и кога конечно Обвинителството ќе донесе одлука?