Фатен на ноќен радар како „лета“ со 218 км на час

од Nikola Popovski
144 прегледи

Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на изминатата вечер во периодот од 22.00 до 04.00 часот со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, спроведена е засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 384 возачи.

Од нив, 48 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а девет возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното. При тоа 264 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 120 надвор од населено место.

Како што објави полицијата, еден од санкционираните возачи се движел со високи 218 километри на час.

МВР истакнува дека засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа заеднички да придонесат за побезбедни патишта.