Фатен тетовец кој во станот на девојката во Скопје криел 500 таблети

од Nikola Popovski
32 прегледи

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишен тетовец со непријавено престојувалиште во Скопје, кој е осомничен дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори  од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 9 септември, по пријава за нарушен јавен ред и мир, полициски службеници дошле во станот на улицата „Миле Поп Јорданов“ во Скопје, каде осомничениот престојувал со неговата девојка. Констатирале прекршок поради расправија на осомничениот со таткото на девојката, а таа на полицајците им предочила дека осомничениот имал некаков вид недозволени супстанции кои ги чува во нивниот дом. Како непосреден држател на станот таа дала согласност службени лица да влезат во домот и да извршат претрес, при што биле пронајдени 501 таблета од 3,4 метилен-диоксиметамфтамин, стимуланс на централниот нервен систем, спакувана во една поголема најлонска кеса.

До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Притоа, како причина за побараната притворска мерка се наведени околности што укажуваат на опасност од бегство, оправдан страв дека тој ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и вештаците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.

Слични содржини