Фаучи: 100 милиони дози во првите 100 дена на Бајден се изводлива цел

од Vladimir Zorba

Целта на новиот американски претседател Џо Бајден за 100 милиони дози вакцина против коронавирус во текот на првите 100 дена од неговиот мандат е „изводлива“, рече Ентони Фаучи, кој ќе биде главен советник на Бајден за Ковид-19.

„Сосема е јасно дека тоа е изводливо“, рече Фаучи за Ен-Би-Си, кој ја олицетвори борбата против вирусот во САД од почетокот на пандемијата. Пред Бајден, тој беше и главен советник за ковид-19 на претседателот во заминување Доналд Трамп.

Иако двете вакцини се тестирани и одобрени за рекордно време, темпото на вакцинација е под критика во САД.

Според Центрите за контрола и превенција на болести, веќе се испорачани 31,1 милиони дози, но искористени се помалку од 40 проценти.

Покрај тоа, некои држави, вклучително и Њујорк, предупредија дека следната недела може да останат без вакцини поради недоволна испорака координирана од федералната влада, откако значително ја забрзаа кампањата за вакцинација.

Во исто време, земјата минува низ најлошата фаза од пандемијата досега, САД во вторникот имаа рекорден број на смртни случаи од 4.470 за 24 часа. Скоро 20.000 луѓе починаа во последните пет дена.

Идниот шеф на канцеларијата на Џо Бајден, Рон Клајн, во неделата призна дека очекува во февруари да се надмине прагот од 500.000 смртни случаи од Ковид-19.

Во САД во моментов има повеќе од 395.000 смртни случаи.

Клајн предупреди на Си-Ен-Ен дека „пандемијата ќе се влоши пред да се подобри ситуацијата“.

Џо Бајден, 46-от американски претседател, планира да ги мобилизира Националната гарда, како и Агенцијата за управување со вонредни состојби, за да се зголеми бројот на местата за вакцинација.

Слични содржини