Водечкиот американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи рече дека 99,2 проценти од оние кои неодамна починале во САД од последиците на коронавирусот не биле вакцинирани.
Фаучи рече дека е тажно и трагично што повеќето од тие смртни случаи можеле да бидат избегнати, а тоа не се случи, пренесува „Танјуг“.
Фаучи го оцени тоа како фрустрирачки и истакна дека коронавирусот е страшен непријател, но дека постои противмерка која е исклучително ефикасна – вакцината, но дека не се применува целосно.
Тој апелираше до граѓаните да ги остават настрана сите разлики и да разберат дека коронавирусот е заеднички непријател.
Фаучи исто така истакна дека Соединетите држави се „многу среќни“ што имаат доволно вакцини за да ги заштитат сите граѓани.
Повеќе од 621.000 луѓе починаа во Соединетите држави од почетокот на пандемијата на ковид 19, според податоците на „Worldometers“.
Соединетите држави се први во светот според бројот на смртни случаи од последиците од коронавирус, како и според бројот на потврдени случаи на таа инфекција.