Кампањата на веројатната демократска претседателска кандидатка, Камала Харис изјави дека ФБИ минатиот месец ја известила дека била цел на „операција за влијание на странски актери“, што значи координирана активност на странски земји, организации или поединци за влијание врз домашните работи, јавното мислење или политичките процеси во друга земја, изјави претставник на кампањата.
„Имаме силни мерки за сајбер безбедност и не сме свесни за какво било безбедносно нарушување на нашите системи“, рече функционерот, според Ројтерс.
ФБИ во понеделникот соопшти дека отворила истрага за наводите од кампањата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека поранешниот претседател бил цел на хакери кои работеле за иранската влада.
Кампањата на Трамп го обвини Иран и укажа на извештајот на истражувачите на Мајкрософт во петокот, според кој хакери поврзани со иранската влада се обиделе да упаднат во сметката на „висок функционер“ во претседателската кампања на САД.
Иранските власти негираа каква било поврзаност со обвинувањата за хакерство, а американската влада официјално не го обвини Иран.