Формула 1 тимот на Ферари ќе направи понатамошни подобрувања на својот автомобил пред
Големата награда на Австрија, откако надградбите за минатото Гран-при на Франција не дадоа
резултат.
Пилот Себастијан Фетел откри дека многу новини што биле имплементирани во неговиот
автомобил за трката на „Пол Рикар“ едноставно не функционирале. Во текот на викендот,
автомобилот беше вратен на претходните спецификации и резултатите беа очигледни – трето
место за Шарл Леклер и петто за Фетел. Во исто време, големиот ривал Мерцедес додаде уште една
двојна победа на своја сметка.
„Задоволни сме што брзо се враќаме на патеката, бидејќи тоа е најдобриот начин да ги тестираме и
разбереме работите што не се развија според планот во Франција“, рече шефот на Ферари, Матија
Биното. „Имаме многу да разгледаме, главно, за да ни дадат појасна слика за тоа зошто некои од
подобрувањата на „Пол Рикар“ не функционираа како што очекувавме“.
„Австриската патека е многу поинаква од онаа во Франција. Првиот сектор има долги правци,
додека вториот е потесен и претставува мешавина на свиоци со високи и ниски брзини. Прогнозите
се за големи жештини, така да ќе има многу работа при ладењето – и за моторот, и за сопирачките.
Тоа значи дека управувањето со гумите ќе биде многу тешко“, додаде Биното.