Од 1 јануари 2026 година, Македонија воведува нов систем за сообраќајна безбедност наречен „Сејв сити“, кој ќе користи висока технологија за следење и санкционирање на прекршителите. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва во интервју за Македонската телевизија изјави дека со новиот систем, сите кои опасно и безобѕирно управуваат моторни возила ќе се соочат со сериозни последици – меѓу кои и трајно одземање на возилото.
„Времето на улиците нинџи завршува. Возачите што мислат дека се недопирливи, наскоро ќе се соочат со реалноста. Возилата со кои се прават сериозни прекршоци ќе се конфискуваат и ќе бидат ставени во служба на државни институции – без разлика дали станува збор за МВР, Министерството за труд и социјала, па дури и детски градинки“, порача Тошковски.
Казните за сообраќајни прекршоци ќе се испраќаат директно на мобилен телефон. Ако станува збор за помал прекршок, ќе се плаќа парична казна. За посериозни дела, следува судење и евентуална забрана за управување возило.
„Ќе добиете порака – кога и каде сте го сториле прекршокот, и ќе имате можност да ги видите доказите преку линк. Ако е голем прекршок, одиш на суд. Ако е мал, плаќаш. Јасно и едноставно“, истакна министерот, додавајќи саркастично дека ако се одземе Ферари, можеби ќе заврши во некоја градинка „за да се возат дечињата“.
Во однос на обвинувањата од опозицијата дека се набавува софтвер за прислушкување, Тошковски појасни дека станува збор за лиценца за алатка што се користи во форензиката – за вадење податоци од мобилни телефони. Според него, овој софтвер е донација од странски партнери уште во 2014/2015 година, а лиценцата за негова употреба првично била набавена во 2021 година од претходната власт.
„Ова нема никаква врска со прислушкување. Се работи за дигитална форензика – исклучиво се користи во случаи кога е потребно да се извлечат податоци од уреди во истражни постапки“, рече Тошковски.
На прашање за поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој подолго време не е присутен во земјата, Тошковски со иронија рече дека неговото „службено патување предолго трае“ и изрази надеж дека наскоро ќе биде изведен пред правдата.
Министерот најави и дека ќе има сè повеќе случаи на поранешни функционери кои ќе одговараат за злоупотреби. Имињата на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, беа споменати во контекст на идни постапки.
Во врска со актуелната расправија меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, околу 150 дивоградби, Тошковски истакна дека нема официјална пријава за закани од страна на Арсовска до МВР.
„Ако е поднесена пријава, сигурен сум дека се преземени мерки. МВР постапува само по пријава од надлежни институции или по наредба од обвинител. Имаме постапувано за нелегално градење и во други општини, не само во Чаир“, изјави министерот.
Тој заврши со порака дека институциите мора да си ја вршат работата професионално и континуирано – не само пред избори, туку за време на целиот мандат.