Фетаи по вторпат го читаше обвинението за шлаканиците во Центар

од desk2

На барање на адвокатите на обвинетите во случајот „Насилство во Центар“, обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО по вторпат го читаше обвинителниот предлог.

Таа истакна дека дел од обвинетите заради бизнис интереси со наводен мотив уривање на црквата „Св. Константин и Елена“ влегле во дворот на Општината и почнале насилнички да се однесуваат кон оштетените, ги малтретирале, грубо ги навредувале и им ја загрозиле сигурноста со тоа што силно тропале по прозорците од бараката бр. 6 во Општина Центар, каде што требало да се одржи седницата на Советот, како и по целата барака, цело време ги отворале прозорците и извикувале погрдни зборови.

Поради ова насилно однесување, била оневозможена работата на Советот и заради спречување поголеми инциденти, седницата била прекината и презакажана за 10.6.2013 година кога повторно пред Општината се собрале неколку стотици луѓе.

Бидејќи од безбедносни причини вратите за влез во дворот на Општината биле затворени, некои од обвинетите, заедно со другите од групата насилно, ја скршиле кованата ограда од дворот и почнале да фрлаат со разни предмети, и тоа: камења, живи јајца, домати, компири и полни пластични шишиња кон бараката, со што биле скршени сите прозорци од бараката број 6 од Општината.

Притоа телесна повреда во пределот на левото око, во вид на црвенило и влегување туѓ предмет во окото, добила оштетената Билјана Чурилова, а при насилен обид за влегување во салата за седници била искршена и влезната врата од бараката преку која се стигнува до салата за седници, притоа повторно упатувајќи ги истите и слични погрдни, навредливи и заканувачки зборови како и на 7.6.2013 година, така што оваа состојба траела сè до доаѓањето странски амбасадори и претставници на ОБСЕ во просториите на Општината, рече Фетаи.

Во кривичниот суд денеска од почеток почна судењето за случајот со насилството пред Општина Центар, во кое првообвинет е експремиерот Никола Груевски, заедно со Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и десетина други лица… Според новиот распоред на претседателот на судот, Иван Џолев, предметот ќе го суди судијата Душан Јосифов од Основниот суд Скопје 1. Јосифов го доби предметот од Татјана Михајлова, а со распоредот на Џолев, таа од овој месец суди прекршоци во бараките во Градскиот парк во Скопје./А1 он

Слични содржини