Вицепремиерот за добро владеење и член на коалицијата ВЛЕН, Арбен Фетаи открива дека зад сценариото за убедување на лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари да ја напушти Владата стои поранешниот функционер, Артан Груби по кого во моментов е распишана потерница за апсење откако се најде во бегство.
„Имаме информации дека Груби е вмешан во ова сценарио и имало комуникации. Сценариото било да се предизвика политичка криза во парламентарното мнозинство за веднаш да се распишат предвремени парламентарни избори и земјата да оди на двојни избори. Спроведувањето на овој план одело преку АА и ДУИ, во замена за услуга што им се пружи на Али Ахмети и ДУИ за враќање во Владата. Цената на враќањето на Ахмети била да му даде шест општини на Таравари“, вели Фетаи, наведувајќи ги имињата на Липково, Сарај, Теарце, Врапчиште, Гостивар и Струга.
Според него, ракувањето меѓу Таравари и Ахмети не било случајно, туку било дел од план за бавна, чекор-по-чекор нормализација на отворената соработка меѓу ДУИ и едното крило на АА.
„Ние претставуваме 107 илјади гласови што беа освоени како антипод на ДУИ со ветувањата дека ќе ја испратиме ДУИ во опозиција и ќе донесеме промени за Албанците, по 22 години лошо владеење, злоупотреба, корупција, компромиси со албанските прашања. Продолжуваме да бидеме таму со пратеничката група на ВЛЕН, со сите зачувани позиции. Ништо не се променило. Алијансата за Албанците продолжува да биде дел од Владата, додека мала група околу Таравари ја напушти ВЛЕН и одлучија да ѝ служат на ДУИ“, порачал Фетаи во интервју за вестите на Алсат за состојбата во актуелните владини редови.