Формула 1 е подготвена да го прими својот прв хомосексуалец на стартната линија, вели четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел.
Најпрестижната автомобилска трка започна во 1950 година, а во пилотскиот тим има само мажи од 1992 година. Меѓутоа, во последниве години, Формула 1 ги охрабрува тимовите да регрутираат луѓе од различни етникуми и отворено да ја поддржуваат ЛГБТИ заедницата.
Минатата сезона Фетел дури протестираше против новите закони во Унгарија, носејќи маичка во боја на виножито со зборовите „иста љубов“.
„Можеби во минатото беше невозможно, но сега Формула 1 со раширени раце ќе го прегрне возачот кој јавно ќе признае дека е геј. Ова е вистинската реакција. Такво нешто дури ќе ни помогне побрзо да ги елиминираме предрасудите и да тргнеме по подобар пат. Мислам и се надевам дека нашиот спорт е подготвен за ваков настан“, изјави Фетел во интервју за ЛГБТИ магазинот Attitude, на чија насловна страна се наоѓа и тој.
Минатата сезона Фетел носеше беџови во боја на виножитото на својот болид, а возачите на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел ќе ги носат следните три трки. Фетел објасни дека мора да се сруши стереотипот за спортисти кои се претставени како херои и женкари.
„Критериумите отсекогаш биле погрешни. Каква врска има ова со перформансите? Кој одлучува за овие работи? Потребна е голема храброст да го покажете вашето вистинско лице наместо да се криете зад фасадата и да се преправате дека сте онакви какви што луѓето очекуваат да бидете.“, додаде Германецот.
Минатиот месец, напаѓачот на Блекпул, Џејк Даниелс, стана првиот професионален фудбалер во Англија по 32 години кој јавно откри дека е геј.