Себастијан Фетел е под истрага бидејќи пред трката во Унгарија, тој носеше маица во боја на виножито со натпис „иста љубов“ за време на интонирањето на химната на Хунгароринг.
Набргу по трката, на која Фетел заврши на второто место, стјуардите објавија дека Фетел ќе треба да го објасни „кршењето на инструкциите на директорот на трката“.
„Колку што разбрав, тоа е затоа што носев маица за време на интонирањето на химната. Можат да ми прават што сакаат, не ми е гајле. Би го направил повторно“, рече Фетел во изјава за Скај Спортс“ по трката.
Носејќи ја оваа специфична маица, Фетел обезбеди поддршка за ЛГБТК + заедницата, а исто така носеше маска за лице со боја на виножито.
На возачите им е дозволено да носат што сакаат пред почетокот на трката, но ФИА бара секоја облека со политички пораки да се отстрани пред да се пее химната.
Луис Хамилтон исто така ја коментираше целата ситуација:
„Мислам дека е одлично што Себ одлучи да ја истакне оваа порака викендов. Не верувам, всушност се надевам дека нема да има многу проблеми бидејќи одлучи да ја поддржи различноста“, изјави Хамилтон, кој се најде во слична ситуација кога беше под истрага поради маичката што ја носеше на Мугело, што се однесуваше на убиства на афроамерканското население од страна на полицијата.
Истрагата е завршена без да се преземе ништо.