FFP3 маските обезбедуваат речиси стопроцентна заштита

од Stefanija Kuzmanovska

Квалитетот на маските за лице што ги носат здравствените работници во голема мера влијае на ризикот од инфекција со коронавирус, според истражувањето на Универзитетската болница Кембриџ.

Носењето маска со висока заштита позната како FFP3 може да обезбеди речиси стопроцентна заштита, пренесува Би-Би-Си, повикувајќи се на резултатите од оваа студија.

Спротивно на тоа, има многу поголема шанса вработените кои носат стандардни хируршки маски да се заразат со вирусот.

Најновата студија, исто така, покажува дека персоналот што се грижи за пациенти заразени со ковид во таканаречените „црвени“ одделенија се соочува со 47 пати поголем ризик од инфекција од оние во „зелените“ или не-ковид одделенијата.

Бидејќи вториот бран на пандемијата започна да „зема замав“ минатиот декември, менаџерите во болницата Кембриџ донесоа одлука за подобрување на заштитата во „црвените“ зони, пренесува „Танјуг“.

„Единственото нешто што остана да се проба и може да направи разлика беа FFP3 респираторите и тоа го направија“, рече главниот истражувач д-р Марк Ферис, специјалист по медицина на трудот.

FFP3 маските се специјално дизајнирани за филтрирање на заразни аеросоли – ситни честички на вирусот што можат да се задржат во воздухот.

Слични содржини