Во државите со подобро граѓанско и демократско образование, граѓаните разбираат дека ниеден добар изборен модел не може – и не треба – да ги преслика гласовите во пратенички места на совршено сразмерен начин, вели во разговор за „Локално“, дипломираниот политиколог и докторанд на универзитетот Оксфорд, Кристијан Фидановски во однос на Донтовиот изборен модел и поплаките од помалите партии кои веќе подолго време бараат Македонија да биде една изборна единица.
Според него, добар изборен модел треба да овозможува застапеност на сите политички опции кои уживаат значителна доверба од граѓаните, но треба и да овозможи ефикасно владеење, што е невозможно ако парламентот е прерасцепкан.
-Оваа вторава улога е барем подеднакво важна за здравјето на една демократија (демос = народ + кратија = владеење), колку и првата. Од оваа причина – а не бидејќи некој некого манипулира – дури и најквалитетните демократии во Европа свесно „кратат“ дел од поддршката на помалите партии преку изборниот модел, порачува соговорникот.
Понекогаш тоа „кратење“, додава Фидановски, се случува преку построга формула (како Донтовата), а понекогаш преку изборен праг (кој ние го немаме), преку голем број изборни единици (многу повеќе од 6) или преку помал број на пратеници по глава на жител.
-Словенија, на пример, има отприлика ист број жители како нас, а само 80 пратеници, што го отежнува влезот на помалите партии. Најчесто, државите користат два или повеќе од овие механизми за да „кратат“ од помалите партии, со цел да се осигураат дека нема да им настане хаос во парламентот, објаснува тој.
Фидановски истакнува дека Македонија по секој од четирите параметри (освен по формулата, која е само едно парченце во сложувалката) има еден од најпропорционалните модели во Европа. Ова значи, потенцира тој, дека и сега е многу поблиску до „фер“ систем (или до фамозната, но непрецизно именувана „една изборна единица“), отколку речиси било која друга држава на континентот.
-Чисто за илустрација, нашиот сегашен модел, иако не е „една изборна единица“, го спречи ВМРО-ДПМНЕ да освои апсолутно мнозинство од 61 пратеник во парламентот. Токму ваков исход ќе се случеше речиси секаде на друго место, бидејќи изборните модели во други европски држави даваат поголеми „бонуси“ на победничката партија (особено кога е победата толку убедлива), тврди Фидановски.
Со други зборови, објаснува политикологот, наместо овие (само) 7% плус пратеници со кои беше наградена ВМРО-ДПМНЕ во однос на добиените гласови (48% од вкупните пратенички места со добиени 45% од вкупните гласови), партијата речиси секаде во Европа ќе добиеше поголем бонус преку моделот и ќе уживаше апсолутно мнозинство.
-Секако, тоа што сегашниот модел спречи ваков исход е добро, но нема потреба да се оди во крајност со уште поголема (невидена на друго место) пропорционалност: неслучајно ниедна друга држава се нема одлучено на таков чекор, дециден е Фидановски.
Истовремено, се надоврзува соговорникит, овие избори покажаа дека дури и со сегашниот модел можеме да имаме шарен парламент со дури 6 партии (или предизборни коалиции) кои ќе имаат барем по 5% (6/120) од вкупните пратеничките места.
-Погодувате дека и овој исход не би бил можен – при ваква распределба на гласовите како на 8 мај – во повеќето европски држави. Фактот што ова шаренило испадна можно и со сегашниот модел, иако многу од помалите партии со години тврдат поинаку, значи дека овие избори само го направија (уште) послаб – а не посилен – аргументот за воведување „една изборна единица“, заклучува Фидановски.
Не се разговарало за кадровски решенија на вчерашната прва средба на ниво на работните групи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН. Тоа што е ново е дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави дека успешно консолидирале 61 пратеник, без дополнителни детали од каде ќе се присоединат потребните три, покрај автентичните 58 пратеника на коалицијата „Твоја Македонија“, освоени на изборите на 8-ми мај.
Мицкоски изрази оптимизам дека со своите коалициони партнери ВЛЕН ќе обезбедат двотретинско мнозинство за исполнување на целта реструктурирање на владиниот кабинет.
А, на состанокот на работни групи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како што изјави Азир Алиу од Алијанса на Албанците, во фокус методологијата и динамиката на работа на овие групи.
-Потребно е да се задржат програмските определби кои добија поддршка од граѓаните, наведено е во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека идниот владин состав ќе ги запази договорените принципи на делување, силно динамизирање на ЕУ интеграциите, бескрупулозна борба против корупцијата и криминалот и економски реформи за повисок животен стандард.
Н.П.