Грчката политичка сцена е сериозно разнишана по разоткривањето на незаконските исплати на милиони евра земјоделски субвенции од ЕУ – вклучително и за непостоечки плантажи на банани на планината Олимп. Скандалот досега резултираше со неколку оставки, вклучително и министерски, што дополнително ја загрозуваат позицијата на премиерот Киријакос Мицотакис, кој е критикуван и соочен со барања за политичка одговорност, пишува Дојче веле.
Според информациите од Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO), се одвивала систематска злоупотреба на субвенциите, во што учествувале и поранешни министри за земјоделство од редовите на владејачката Нова Демократија. Во истрагата се откриени исплати од грчката државна агенција Опекепе за илјадници непостоечки овци и кози, како и за плантажи за банани на планината Олимп, каде никогаш не е одгледувано ова тропско овошје.
Макис Воридис и Лефтерис Авгенакис, поранешни министри за земјоделство во владитеF на Мицотакис, наводно знаеле за неправилностите, но ништо не презеле. Воридис поднесе оставка од функцијата министер за миграции минатата седмица, за, како што нагласи, да ја брани својата невиност.
Скандалот „Опекепе“ беше разоткриен пролетва, а Европската комисија ја казни Грција со 415 милиони евра, но грчката влада реагираше дури по притисоците од EPPO, односно дури кога ова обвинителство достави до грчкиот парламент документација за можно кривично гонење на поранешни и сегашни функционери. Во досието на отприлика 3.000 страници, кое грчките пратеници може да го читаат, но не и да објавуваат делови од него, се споменуваат 13 пратеници од владејачката Нова Демократија и по еден пратеник од опозициските Пасок и Сириза, како и регионални функционери и поранешни раководители на Опекепе.
И покрај забраната за објавување, грчките медиуми последниве денови сепак објавуваат делови од ова досие – дијалози помеѓу функционери од владејачката партија кои наликуваат на дијалози од мафијашки филмови. Има и дискусии на високи функционери за тоа како би можело со помош на министерот за правда да се спречи вклучување во истрагата на припадници на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител.
Иако до официјална потврда не може да се каже со точност дали она што го објавуваат медиумите е вистина или не, изгледа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис не ја доведува во прашање автентичноста на објавените материјали.
„Дијалозите што излегуваат на виделина предизвикуваат огорченост и лутина“, напиша тој во пост на Фејсбук, додавајќи дека ќе се бара враќање на парите од сите за кои ќе се докаже дека незаконски ги добиле европските пари.
Мицотакис најави и укинување на агенцијата Опекепе при крајот на оваа година.
Иако грчкиот премиер и понатаму се претставува како реформатор и борец против корупцијата и неспособноста на грчката политичка сцена, останува да се види дали граѓаните ќе му поверуваат, пишува Дојче веле.
Грчката јавност после скандалите со незаконското прислушување, железничката несреќа кај Темпи, трагичниот бродолом кај Пилос во текот на неговиот премиерски мандат, и покрај ветувањата за целосна истрага и последици за одговорните, сѐ уште разврска. Во анкетите спроведени од почетокот на годинава, над 70 отсто од граѓаните постојано ја обвинуваат владата за прикривање на големината на скандалите.