Филхармонија ѝ се заблагодари на Костадиновска-Стојчевска за поддршката Џез-оркестарот да не биде сместен во нивните простории

од Nikola Popovski
222 прегледи

Синдикалната организација на Македонска филхармонија при СКРМ изразува задоволство од промената на владината одлука Џез-оркестарот да не биде сместен во нивните простории и што, сплотени, успеале во оваа битка. Но, потенцира дека немаат намера да ѝ се извинат на јавноста, како што побара од нив министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, туку и се заблагодаруваат за поддршката.

-Единствена вистина на вчерашниот прес, беше само вашата констатација дека нашите протести не беа синдикални. Се сложуваме, нашите протестите беа уметнички, а ги поддржаа и вработени кои не се членови на нашата синдикална организација, директорката на институцијата и Управниот одбор. Првпат во историјата на нашата институција на иста страна застанаа речиси сите вработени. Ние нема да ѝ се извиниме, туку срдечно ќе и се заблагодариме на јавноста која не поддржуваше во оваа наша битка, на нашата верна публика која доаѓаше на нашите концерти и покрај отворените повици за бојкот, на луѓето од фелата и врвните музичари кои ни дадоа безрезервна поддршка, истакнуваат од Синдикалната организација.

Вработените во Македонска филхармонија посочуваат дека во оваа битка успеале со упорност, аргументи, вистина и единствена сплотеност.

-Не подлегнавме на притисокот, кој беше силен и интензивен, ниту пак се откажавме од нашата борба да си го зачуваме нашиот работен простор, нагласуваат од Синдикалната организација.

Тие упатуваат јавна благодарност до Симон Трпчески и Дино Имери, на поранешните директори на Филхармонија – Мелпомени Корнети, Васил Атанасов, Ганка Самоиловска Цветанова, Кармен Костова и Маја Чанаќевиќ, на диригентите Емил Табаков, Јерухам Шаровски, Конрад ван Алфен, Миријан Хухунаишвили, Габриел Бебешелеа, Џорџ Џексон, Вања Николовски – Ѓумар и Борјан Цанев, на истакнат виолинист и професор Олег Кондратенко, на претседателката на СОКОМ Валентина Велковска-Трајановска, на поранешниот концерт мајстор во пензија – Румен Димитриев, на музикологот Марко Коловски, на колегите од белградска филхармонија и од сараевска филхармонија.

-Овие луѓе храбро и безрезервно застанаа на наша страна, во одбрана на вистината во моменти кога сите беа свртени против нас. Им благодариме од срце, велат од Синдикалната организација на Македонска филхармонија при СКРМ, и воедно ја канат министерката да дојдете на нивен концерт.

Костадиновска-Стојчевска изјави дека станува збор за простор од 475м2 со трајно користење на Министерство за култура и кој е дел од вкупниот простор од 1448 м2 под Националната опера и балет, за чие соодветно реновирање веќе има и проект и се обезбедени средства.

Во тој контекст таа изрази надеж дека претседателот на Синдикатот на Филхармонија ќе има минимум доблест на јавноста, но пред сè на своите колеги, да им се извини за сите пласирани манипулативни соопштенија во кои, како што рече, немаше ниту грам синдикализам, а уште помалку култура и со тоа креираше погрешна слика во јавноста дека музичарите се нетрпеливи и тесногради едни кон други.

Слични содржини