Филип T. Петровски, единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој отворено рече дека ќе влезе во битката за лидерската позиција на најголемата опозициска партија, за плус инфо вели дека ја има потребната поддршка од делегатите на Конгресот што ќе се одржи на 23 декември во Валандово и покрај огромниот притисок и закани со кои тие секојдневно се соочуваат.

– Се врши невиден притисок врз делегатите. Има и закани дека ако не гласаат за фаворитот на Палатата ќе мора да се соочат со својот крај на политичката кариера. Наспроти заложбите да се одржи Конгрес во демократска атмосфера, имам сериозни сомнежи дека на 23 декември ќе има регуларно гласање, кога не ги оставаат делегатите слободно да размислат за кој кандидат да го дадат својот глас – предупредува Петровски.
На прашање на плус инфо кој врши притисок врз делегатите, Петровски вели дека засега нема јавно да го открие неговото име, но додава дека станува збор за еден од кандидатите кој има поддршка само од раководството, но не и од поширокото членство на партијата.
Филип Петровски, поранешен директор на Државниот архив на Македонија се сомнева и во мотивите поради кои во минатата недела на седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беа разрешени 15 членови. Според Петровски, ЦК направил чистка во своите редови на неподобните пред одржувањето на Конгресот и ги тргнал оние негови членови кои не стојат зад кандидатот што го форсира Белата палата.