Филипче: 600.000 граѓани на референдум го потврдија правилниот пат кој го одбра СДСМ

од Nikola Popovski
235 прегледи

Новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче се огласи по повод 75-от роденден на НАТО и нашето членство како држава во Воената алијанса. Според Филипче, патот до членство во НАТО не беше лесен.

-Бараше решителност, стратешка визија и, пред сè, храброст да се донесат одлуки за доброто и иднината на граѓаните. СДСМ презеде одлучни чекори во оваа насока, уште со Преспанскиот договор во 2018 година, а 600.000 граѓани на референдум го потврдија правилниот пат кој го одбра СДСМ, истакна лидерот на СДСМ.

За Филипче, одлучноста Северна Македонија да застане рамо до рамо со водечките светски демократии денес изгледа поважно од кога било.

-Во услови на војна на европско тло и светска нестабилност, нашите граѓани може да се чуствуваат безбедно затоа што сме дел од најмоќниот воен сојуз во светот. Членството во Алијансата е придобивка за сите граѓани и секој политички чинител е должен да го негува и чува ова достигнување. Владата е должна да работи кон понатамошно унапредување на односите со Алијансата и земјите партнери во градење на цврста и долгорочна соработка, наведува Филипче, додавајќи дека неговата партија останува посветена на носење одлуки кои служат за најдобар интерес на нашата нација.

На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Северна Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северно-атлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Претседателот на Републиката.

На 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што, Република Северна Македонија и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата.

Слични содржини