Филипче: Албанија и Црна Гора напредуваат кон ЕУ, а ние практично како да ги напуштивме преговорите

Албанија напредува, исто така и Црна Гора, со јасен план целосно да ги заврши преговорите до 2027 или 2028. Ние практично сме во фаза како практично преговорите да сме ги напуштиле, вели Филипче

од Nikola Popovski
25 прегледи

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, оцени дека е потребен сериозен и државнички пристап за деблокирање на европската интеграција на Македонија, со остри критики кон актуелниот премиер Христијан Мицкоски, кој, тврди тој, испраќа контрадикторни пораки.

„Многу ми е жал што премиерот понекогаш бара конструктивност, а понекогаш отфрла секој предлог. Дали ова е дел од предизборниот фолклор или резултат на игнорирањето на минатогодишната кампања, не можам сега да кажам. Но, факт е дека ништо не се случува на полето на европската интеграција, додека регионот оди напред. Албанија напредува, исто така и Црна Гора, со јасен план целосно да ги заврши преговорите до 2027 или 2028 година. Ние практично сме во фаза како практично преговорите да сме ги напуштиле. И тоа е најлошото нешто што може да ни се случи“, рече Филипче.

Тој најави дека неговата партија оваа недела ќе презентира работен документ со јасни политички ставови за понатамошниот тек кон Европската Унија.

„Тој документ ќе ги вклучи сите аспекти важни за земјата, ќе ги наведе претходните изјави и преземените обврски од францускиот предлог, како и нашиот конкретен предлог за тоа како да се продолжи – со јасно и прецизно дефинирани црвени линии. Крајно време е сите на иста маса да знаеме за што зборуваме и како да продолжиме напред“, рече лидерот на СДСМ.

Филипче особено предупреди за последиците од политичкиот ќорсокак, нагласувајќи дека сè поголем број млади граѓани ја гледаат својата иднина надвор од границите на Македонија.