Филипче: Апстиненцијата не е казна за СДСМ , туку награда за ВМРО

Посочи дека СДСМ секогаш била на страната на граѓаните со мерки за поддршка и во најголемите кризи со кои се соочувала државата.

од Vladimir Zorba
17 прегледи

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вечерва од трибината организирана оо рамки на предизборната кампања порача дека овие избори се од исклучителна важност за иднината на граѓаните и за напредокот на државата. дека Гостивар знае дека силата е во заедништвото, а не во поделбите.

– Ова е моментот кога секој глас прави разлика. Затоа велам дека нема помалку важен глас. Ова не е време за молк, ова е време за исправување. Апстиненцијата не е казна за СДСМ — тоа е награда за ВМРО. Секој изгубен глас е добивка за режимот што повторно го чувствуваме. Овие денови да ги искористиме и да поразговараме со соседи, роднини, да го посетиме секое маало, да се мобилизираме и да повикаме на обединување. Сега не е време за откажување од борбата за нашиот дом. Ова е момент на враќање, на единство, на нов почеток, рече Филипче.

Порача дека Гостивар знае дека силата е во заедништвото, а не во поделбите и дека затоа Гостивар е симбол на соживотот, почитта и достоинството и дека токму оттука ќе почне обновата на вредностите, кои, како што посочи, се системски разорени.

Филипче остро ги критикуваше политиките на власта и обвини дека таа намерно го разединува народот за да ја скрие сопствената неспособност.

– Тие што денес владеат се обидуваат да нè разделат-со лаги, со поделби, со национализам што треба да ја прикрие нивната неспособност. Нивната политика е политика на поделби, на дестабилизација, на навреди. Политика која секогаш завршува со тензии во општеството, оцени Филипче.

Рече дека ВМРО-ДПМНЕ заборавила на најважната лекција од историјата – дека заедништвото е силата на оваа земја.

Посочи дека дупката во Буџетот се продлабочува, јавниот долг расте, а граѓаните стануваат се посиромашни.

– Реалноста е дека буџетот е во дупка од 1,4 милијарди евра, приходите заостануваат, а капиталните инвестиции се помалку од половина реализирани. Се задолжуваат без покритие, јавниот долг достигнува над 62 отсто од бруто домашниот производ, највисоко ниво во регионот, а странските инвестиции скоро и да ги нема. Ова е резултатот на лоши политики, на неспособност, незнаење и на небрежност. Немаат ниту план, ниту стратегија како да ја водат државата, истакна Филипче.

Додаде дека додека власта трупа нови долгови, народот тоне во сиромаштија, платите стагнираат, а нема ниту мерки за поддршка на граѓаните.

-Минималната плата и натаму е една од најниските во регионот, пензионерите добија помалку од ветеното – само 1.000 денари, студентите не го добија бараното зголемување од 130 денари за студентски оброк, ваучерите од 250 евра ги нема, а над 1.000 студенти останаа без студентски оброк. Земјоделците во Полог останаа без поддршка – субвенциите се намалени, откупните цени паднати, а трудот обезвреден, рече Филипче.

Посочи дека СДСМ секогаш била на страната на граѓаните со мерки за поддршка и во најголемите кризи со кои се соочувала државата.