Филипче: Бугарија ќе донира на С.Македонија дел од вакцините против ковид-19

од Берта Китинска
222 прегледи

Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја, информираше утрово министерот за здравство Венко Филипче кој е во посета во Софија.

-Ова утрово беше одлучено на владината седница во Софија каде имав и свое обраќање.Со оваа одлука, во нашата земја вакцини против Ковид-19 ќе стигнуваат во исто време, како и во останатите земји членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70% од населението.

Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека.Веќе разговаравме и за техничките детали во однос на испораката, верувам дека во исто време ќе добиеме дел од вакцините, како и земјите од ЕУ.

Освен преку донација од Република Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот. Европската Унија за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на нашата земја и понудија Полска и Грција. Република Северна Македонија преговори и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив, соопшти Филипче.