Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска порача дека жали што премиерот Христијан Мицкоски ја одби најавената лидерска средба. Според Филипче, националниот консензус е битен и треба да сме свесни дека живееме во мултинационална и мултикултурна држава.
-Ако лебди прашањето и мислењето дека Историската комисија може да биде пречка во евроинтеграциите после уставните измени, иако во Протоколот 2 јасно пишува дека никаде тоа не е услов, сметам дека треба да седнеме и разговараме. Сметам дека многу се јасни пораките на претседателот на Европскиот совет и еврокомесарката дека сега е моментот за да фатиме чекор со Црна Гора и Албанија. Тој момент на толкување на протоколите, но и можноста да се разговара за нов Протокол, начинот за модифицирање на работата на Историската комисија, да побараме од странски експерти да учествуваат во таа работа – на пример од луѓе кои имаат искуство во своите земји на таа тема, како Германија со Полска и Германија со Австрија…Мислам дека најлошата работа е да не се обидеме со ништо. Јас ќе продолжам да апелирам и да бидам конструктивен. Треба заедно да седнеме и да разговараме. Постои расположение во ЕУ за да се продолжи процесот, кажа претседателот на СДСМ.
Претседателот на Владата на одбележувањето на делото на сесловенските браќа во Охрид повика на единство. За да се направи исчекор напред, потребно е градење на државно и национално единство и подавање рака и клучна согласност за најважните прашања за татковината, потенцира Мицкоски.
Првата средба на премиерот и лидерот на СДСМ се одржа пред месец ипол, а која резултираше со конкретен договор за формирање заеднички работни групи кои ќе работат на усвојувањето на реформската агенда и првичните закони кои треба да стигнат во Собранието, во делот на правосудството, енергетиката и здравството.