Филипче: Дел од советниците од СДСМ соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ за лични интереси

од Nikola Popovski
63 прегледи

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави конкретни внатрепартиски промени во начинот на избор на кандидати за градоначалници и за советници на следните локални избори.

„Ќе предложам советниците да ротираат, односно да имаат мандат од две години, а потоа следните од листата да влезат во советот. Така ќе им дадеме шанса на двојно повеќе наши другари и другарки да бидат советници во рамки на четиригодишниот мандат. Тоа е фер и дава можност за поголема вклученост“, изјави Филипче на состанок со Општинската организација на СДСМ Аеродром.

Тој информира и за нов кодекс на однесување којшто ќе мора да го потпишат сите советници:

„Дел од досегашните советници не си ја вршеа добро работата, дел соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ама само за лични интереси. Тоа повеќе нема да се дозволи. Ќе има санкции за прекршување на кодексот“.

Во однос на изборот на кандидати, претседателот на СДСМ порача дека ќе го поддржи секое решение што ќе дојде од базата.

„Вие во општинските организации најдобро знаете кој има капацитети и доверба кај граѓаните. Не сакам да наметнувам, туку да слушам“, рече Филипче во Аеродром.

Лидерот на СДСМ се осврна и на актуелната локална власт во Аеродром, истакнувајќи: „Се чудам како ВМРО-ДПМНЕ повторно го предлага актуелниот градоначалник на Аеродром. Полош градоначалник, според мене, Аеродром никогаш немал“.

Слични содржини