Филипче до Мицкоски: Ние не клечевме на колена како тебе за власт, ветувајќи дека ќе го вратиш името

По владината одлука за намалување на ДДВ-то за горивата, лидерот на СДСМ вели дека е фрлање магла и замајување на граѓаните

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: СДСМ

За обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека претходната Влада молела на колена за донација од вакцини во ковид-кризата, лидерот на СДСМ, Венко Филипче порача дека тогаш цел свет имал проблем.

-Христијане, ние не клечевме на колена како тебе молејќи за власт и ветувајќи дека ќе го вратиш името, кажа Филипче, додавајќи дека премиерот не треба да ги повикува граѓаните од странство да доаѓаат да точат гориво во Македонија.

-Други земји забранија точење гориво на странци на пограничните пумпи. Сега пари од Буџетот одат за граѓаните од соседните земји. Ова не се економски политики, додаде лидерот на СДСМ на прес-конференција.

По владината одлука за намалување на ДДВ-то за горивата, лидерот на СДСМ вели дека е фрлање магла и замајување на граѓаните. Според него, од мерката утре нема ништо да видиме. Ќе има нова пресметка за цената.

Премиерот Мицкоски денеска преку политичка изјава потенцира дека за разлика од порано „онаа Македонија која беше на колена за да добие некоја донација, денеска е фактор на стабилност и сигурност за граѓаните од соседството“, во однос на „бензискиот и дизел-туризмот“.