Пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче, на денешната собраниска седница за прашања од опозицијата, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски, во однос на менаџирањето на кризата, заштитата на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Филипче посочи дека се случи тоа на што предупредуваше СДСМ изминатиот период, а владата не презема навреме мерки за да ги заштити граѓаните од ценовните шокови.
„Во време на менаџирањето на кризата во владите на СДСМ, за време на ковид кризата или после почетокот на војната во Украина, овие мерки кои што сега ги предложивме, владеачкото мнозинство не ги изгласа. За жал сега законите за дополнително намалување на ДДВ-то на горивата, преполување на цените на патарините, мерки кои што навистина ќе придонесеа да се намалат дел од трошоците на граѓаните, намалување дополнително на цените на акцизите, со што ќе се намалеа цените на горивата, а не како до сега после секоја мерка која што ја имплементиравте, а тоа се само делумно мерките кои што ние ги предлагаме, во ниеден момент цената на горивата не се намали.
Ќе кажете имаме најниски цени во регионот. Меѓутоа една Хрватска и Словенија имаат слични цени на горивата како кај нас. За стандардот да не зборуваме. Таму минималната плата не е 400 евра, таму 1.000 односно 1.500 евра. Така што кога кажуваме колкави се некои цени мораме да водиме сметка какви се и платите и каков е и стандардот на граѓаните“, рече Филипче.
Сите овие работи укажуваат, вели лидерот на СДСМ дека економската состојба не е добра, дека граѓаните, а тоа го слушаме секојдневно по нивните апели, по нивните сигнали, едноставно не можат да преживеат.
„Моето прашање е, зошто не ги прифаќате мерките кои што навистина ќе дадат ефект? Еве сега имавме предлог на закони. Дали планирате сега? Не после велигденските празници на луѓето, сега им се потребни мерки. Кој знае како ќе биде после велигденските празници, како ќе се одвива кризата. Мерки кои што ќе бидат за таргетирани групи на граѓани коишто ќе значат директна финансиска поддршка“, кажа претседателот на СДСМ во пратеничкото прашање.