Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска оствари средба со постојаниот известувач на Европски парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, на која било разговарано за актуелната политичка состојба во земјата и за застојот во евроинтеграцискиот процес.
Од СДСМ информираат дека Филипче изразил благодарност за континуираниот ангажман на Вајц во следењето на европскиот пат на државата, како и за поддршката од Европската Унија и Европскиот парламент за европската перспектива на Македонија.
На средбата, Филипче оценил дека состојбата во која се наоѓа процесот на европска интеграција е сериозно загрижувачка. Според него, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а актуелната власт не покажува јасна политичка волја за продолжување на европскиот курс.
Тој посочил дека, наместо напредок, државата се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои, како што рекол, ја оддалечуваат Македонија од европските стандарди и вредности.
Филипче нагласил дека европската интеграција не е само политичка цел, туку процес кој значи зајакнување на владеењето на правото, градење функционални институции и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Според него, земјата заслужува напредок, а не изолација и губење време.
Во таа насока, тој истакнал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформскиот процес, оценувајќи дека членството во Европската Унија е клучно за создавање праведна, стабилна и просперитетна држава и подобра иднина за сите граѓани.